Од диви депонии до нула отпад, како Љубљана го реши проблемот со ѓубрето

Љубљана е првиот главен град во Европа кој се обврза да стане град со нула отпад. Но, пред 15 години, целиот отпад завршувал директно на депонија.

„Тоа беше скапо, процесот зафаќаше место, а со тоа ги фрлаш и ресурсите“, вели Нина Шанкович од „Вока Снага“, компанија која управува со отпадот во градот.

Сè започна во 2002 година со одвојување на хартијата и стаклото во посебни контејнери. Четири години подоцна, градот започна со собирање на биоразградливиот отпад од врата на врата. Одвојувањето на био-отпадот треба да стане задолжителен процес низ земјите од Европа до 2023 година, но Љубљана предничи пред нив веќе две децении.

Во 2013 година, секое домаќинство во градот доби канти за рециклирање на хартија, а закажаните термини за собирање на преостанатиот отпад беа преполовени, принудувајќи ги луѓето поефикасно да го селектираат отпадот.

Резултатите беа импресивни. Во 2008 година градот рециклирал само 29.3% од создадениот отпад, заостанувајќи зад остатокот од Европа. Денес тој број изнесува 68%, а на депониите завршува речиси 80% помалку ѓубре. По глава на жител во словенечкиот главен град моментално се создава 115 килограми отпад.

Развојот на најсовремената фабрика во Европа за третирање на биолошкиот отпад беше голем чекор кон исполнување на заложбите на градот за минимум стапка од 75% за рециклирање до 2025 година.

Регионалниот центар за управување со отпад е отворен во 2015 година, а денес опслужува четвртина од цела држава. Користи природен гас за да произведе сопствена топлина и електрична енергија, обработува 95% од преостанатиот отпад во материјал за рециклирање и цврсто гориво, а враќа помалку од 5% назад на депониите.

Регионалниот центар е толку популарен што има повеќе од 1.000 посети дневно. Градот планира да изгради уште најмалку три такви центри, со уште 10 помали центри во погусто населените области.

Продавниците кои не продуцираат отпад стануваат сè попопуларни, а компанијата која управува со отпадот „Вока Снага“ има сопствени автомати за продажба на амбалажа за домашна употреба.

Извор: https://www.radiomof.mk/od-nula-recikliranje-do-nula-otpad-kako-ljubljana-go-preispita-gjubreto/

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *