ОДЛИЧНА ВЕСТ: Чистењето на Калиманско Езеро започнува на 15 Јануари

Македонска Каменица, 09.01.2022 година – Планинарското друштво „Планинар Саса“, Спортско риболовното друштво „Рибар“, како и Ловечките друштва „Хантер Бизиково“, Хантер Про“ и Агенцијата за обезбедување на лица и имот „Патриот АЛДО“ организираат акција за собирање на отпадот и шутот во водите на Калиманско Езеро.

Како што стои во објавата на Александар Дончевски, координатор на акцијата и претставник на овие здруженија и спортски друштва „акцијата започнува на 15.01.2022 година, а ќе трае се до конечно и целосно чистење на езерото од отпадот. Секој доброволец е добредојден и истиот може да се пријави на телефонскиот број 071 373 263. Колку повеќе се вклучиме во акцијата, толку побрзо ќе го исчистиме езерото и ќе ја спречиме огромната еколошка катастрофа. Добредојдена е помош од фирми, Зруженија на граѓани и Невладини организации“.

Дончевски, дополнува дека „покрај нашите членови, очекуваме и пријава на поголем број на граѓански активисти и доброволци од целиот регион. За истите, од страна на Здружението е обезбедена храна и топли пијалоци“, што покажува висок степен на организација од страна на овие здруженија, кои направија прв конкретен чекор во чистењето и спречување на оваа катастрофа која по надоаѓањето на река Брегалница му се случува на Калиманско Езеро.

Во понатамошниот дел од текстот, координаторот на акцијата упатува повик до градоначалниците на општина Делчево, Македонска Каменица, Берово и Пехчево, според своите можности да дадат свој придонес во акцијата.
Најголема причина за значителното контаминирање на водите на Калиманско Езеро со пластика, кеси и шут, се наведува енормното покачување на нивото на река Брегалница, која после билните дождови беше пред излевање и со себе го донесе и претходно одложениот отпад во самото речно корито.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *