ОДЛИЧНА ВЕСТ: НАСТАВНИЦИТЕ НЕМА ПОВЕЌЕ СЕ ДА ЗАПИШУВААТ ВО Е-ДНЕВНИКОТ

02.XI.2017 Каменица (kamenica.mk)

Во електронскиот дневник, наставниците ќе имаат обврска да запишуваат имиња и презимиња на учениците, распоред на часови и отсуства на учениците

Ова е предлог на одговорните во Бирото за развој на образованието, кои го доставиле до Министерството за образование и наука, каде пак, треба да се официјализираат предложените измени.Досега многупати наставниците реагираа дека се преоптоварени со обврски, дека имаат многу големи бироктатски задолженија и во пишаниот и во електронскиот дневник, што пак, им остава многу малку време да се подготват и да се посветат на наставата. За нивната преоптовареност, како и за преоптовареноста на учениците со часови, со години предупредуваа и одговорните во Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК).

 

СЕ БАРА ДА СЕ УКИНАТ И ДНЕВНИТЕ ПОДГОТОВКИ

„Предложивме наставниците да не мора да ги запишуваат во електронскиот дневник ласовите, екскурзиите, родителските средби. Работни групи составени од советници во Бирото за развој на образованието, министерството и Центарот за средно стручно образование, работат на ревидирање на годишните планирања од прво одделение до четврта година средно. За сето ова се чека одобрување од министерката Рената Дескоска“, вели Ванчо Петрушевски, заменик-директор на Бирото за развој на образованието.

Тој додаде дека наставници барале и да се укине пишувањето дневни подготовки, но засега за тоа нема никакви одлуки.

НАСТАВНИЦИТЕ ИМААТ ПРОБЛЕМИ СО Е-ДНЕВНИКОТ

Електронскиот дневник редовно им тренира нерви на просветниците кога во него пополнуваат податоци, посебно пред крај на полугодие или пред крај на учебна година кога треба да внесуваат завршни оценки. Се случува системот да не функционира, а тие чекаат до доцна во ноќта да се растовари за да можат да внесат податоци.

Инаку, според Законот за основно образование, просветните инспектори може да казнат наставник ако две недели не внеле дневна подготовка, оценки и други информации во е-дневникот.

ПИШАНИТЕ ДНЕВНИЦИ ТРЕБАШЕ, А НЕ ЗАМИНАА ВО ИСТОРИЈАТА

Пред две години, по штрајкот на членовите на Синдикатот за образование, наука и култура, беше договорено пишаните дневници да заминат во историјата, а во наставата да се користат само електронските дневници. Првиот човек на СОНК Јаким Неделков тогаш рече дека договорено е со властите дека да се исфрли пишаниот дневник од употреба и целата евиденција да се води само во електронскиот дневник. Но, тоа никогаш не се случи. Наставниците до ден денеска си водат паралелна евиденција.

Квалитетот на наставата значително опадна со зголемувањето на административните обврски кои им се натоварија на наставниците. Наместо да се посветат на настава, тие мораат да губат многу време од часот за да го внесат тоа што е потребно и во пишаниот и во електронскиот дневник.

Освен намалените обврски за наставниците, СОНК бараше и и да се намали бројот на часови, на што веќе се работи во министерството. Нивни анализи покажаа дека децата од трето одделение, по завршувањето на третиот час, не се способни да следат настава бидејќи концентрацијата драстично им се намалува.

„Шест часови секој ден за ученици во основното образование е премногу, како и по 35 ученици во едно одделение. Со редуцирање на бројот на часовите и материјалот за учење, учениците ќе можат да ги совладаат лекциите кои наставниците им ги предаваат и ќе се посигнат подобри резултати. Ако ученикот во трето одделение секој дена има по шест часа, а статистиките покажуваат дека концентрацијата на таа возраст може да биде два или два и пол часа, тоа значи дека останатите часови ученикот не е активен, односно не е сконцентриран. Не може добро да ја следи воспитно образовната работа. Во тој случај резултатите што ќе ги постигне ученикот ќе бидат релативно послаби или слаби, а со тоа и вреднувањето на наставникот, резултатите ќе бидат послаби”, изјавуваше Неделков.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *