Одбележан Светскиот ден на здравата храна во ООУ „Св. Кирил и Методиј“ Македонска Каменица

Македонска Каменица, 16. Октомври 2022 година – По повод 16. Октомври – Светскиот ден на храната, учениците и вработените при ООУ „Св. Кирил и Методиј“ организираа Базар на храна. Беа изложени јадења подготвени од различни видови на овошје и зеленчук, како и сѐ она што претставува здрава храна.

“Целта на настанот е да се промовира здравиот начин на исхрана и да се истакне потребата од постојаната борба против гладот“ – истакнуваат од училиштето, од каде изразија „Благодарност до вредните ученици, поддршката од наставниците и родителите“.

На Базарот на здрава храна во училишниот двор, покрај учениците, наставниците и родителите, беа присутни повеќе претставници од институциите во ЕЛС Македонска Каменица, како и градоначалникот на Општината, Димчо Атанасовски.

Оваа година Светскиот ден на храна има за цел да потенцира пресудното значење на храната бидејќи таа може да биде лек, но и отров доколку е неквалитетна или консумирана неправилно и во прекумерни количини.

Значењето на овој ден е сеуште актуелно, иако за прв пат беше одбележан во далечната 1979 година. Тогаш, а и сега, целта беше да се нагласи важноста на храната за животот и опстанокот на луѓето.

Всушност, овој датум го означува денот кога од страна на Обединетите Нации била основана ФАО (Food and agriculture organization-организацијата за храна и земјоделство), 20 години претходно.

Брзината со која се трошат ресурсите на планетета земја секојдневно се зголемува, а тоа пак ја актуелизира уште повеќе темата за обезбедување доволно храна за преживување на човечкиот род.

Иако во моментов се произведува храна која е повеќе од доволна да го прехрани целото човештво, постои неврамнотеженост на системите за исхрана. Така уште повеќе се потенцираат проблемите како постоењето на глад, обезност, фрлање на неупотребена храна, губење на агробиолошката различност.

Според последните статистики, секој седми човек на светот не знае дали ќе може да обезбеди доволно храна за да го преживее следниот ден. Повеќе од 900 милиони луѓе во светот гладуваат, а 2 милијарди се неухранети.

Линк до целосната фотогалерија од настанот ОВДЕ

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *