Овој Велигден бара послушност и воздржување

Верниците во своите домови ќе го дочекаат воскресението / Фото: Игор Бансколиев

Поради пандемијата на коронавирусот и полицискиот час, наместо во црквите, верниците ќе останат во своите домови каде што ќе го дочекаат воскресението, а црковните отци, наместо на светите богослужби во храмовите, повикуваат на молитва за починатите, заболените, медицинските лица и за сите други што во овие моменти се најизложени на заканата

МПЦ-ОА СО ПОРАКА ВО ПРЕСРЕТ НА НАЈГОЛЕМИОТ ХРИСТИЈАНСКИ ПРАЗНИК

Христовото воскресение, Велигден, е најголемиот христијански празник. Настанот што на овој ден се случил и кој претставува најголемата победа за луѓето, победата над гревот и смртта, оваа година се слави во поинакви услови од оние на кои сме навикнале. Поради пандемијата на коронавирусот и полицискиот час, наместо во црквите, верниците ќе останат во своите домови каде што ќе го дочекаат воскресението, а свештениците потсетуваат дека токму овој празник бара послушност и воздржување.

– Овој празник уште се нарекува и Пасха, новозаветна Пасха, како вистинско остварување на старозаветната Пасха. Зборот „пасха“ во превод значи премин – премин од смртта кон вечниот живот. Од тоа кога ќе падне Велигден, зависи и датумот на празнување на Вознесението Христово, Спасовден, и на Слегувањето на Светиот дух врз апостолите, Духовден – објаснуваат теолозите.
Тие посочуваат дека периодот пред Велигден, отсекогаш ги имал истата смисла и цел – патување од распетие кон воскресение, распнување и погребување на стариот човек во нас, преполн со грешни навики и воскресение во нов, обновен човек, соединет со Христос непорочното јагне, преку причестувањето со неговата крв и неговото распнато и воскреснато тело.

– Ако со Христа се распнавме, со Христа и ќе воскреснеме – истакнуваат теолозите.
Г.г. Стефан, поглаварот на МПЦ-ОА, во Велигденското послание вели дека периодот низ кој поминува светот бара послушност и воздржување.
– Појавата на коронавирусот во светот, а наедно и во нашава земја, нè натера да внимаваме и на нашето и на здравјето на нашите ближни. Затоа, да се придржуваме до советите и мерките изречени од надлежните институции, и сите заедно да придонесеме да се намали и да се спречи ширењето на заразата. На нашите верници им советуваме да истраат и да не се вознемируваат затоа што не можат да присуствуваат во голем број на светите богослужби во храмовите, и им препорачуваме да се молат во своите домови и срца, за Бог да нè избави од оваа опасна болест.

Да се молиме и за медицинските лица, полицијата и војската, кои напорно се грижат за заболените и за редот во државата. Да се молиме за заболените да оздрават, како и за спасение на душите на оние што не ја добија битката со болеста. Да се молиме Бог да ни ги прости нашите гревови и да нè помилува, зашто само Бог ни е прибежиште и сила, и докажан помошник во неволја – вели г.г. Стефан.

Извор:

radmila.z@novamakedonija.com.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *