Ова не е за верување: Андора нема пораз во 2018, а нема ни примено гол!?

Фри-шоп државата помеѓу Шпанија и Франција, малата Андора, која пред повеќе од деценија ипол се прослави против Македонија со победата со 1-0, си запиша нов неверојатен рекорд – четири меча е без пораз.

Андора е една од најслабите селекции во Европа и на светот, во рангот на Сан Марино, Гибралтар, ама во последниот период има резултати за гордост. Ова особено доаѓа откако синоќа успеаа да обезбедат реми без голови против Летонија во Рига. Ама, ако серијата од четири меча без пораз ги воодушевува Андорците, приказната станува уште поинтересна со фактот дека – во четирите меча немаат примено гол!

Оваа неверојатна приказна на Андора започна на 21 март годинава, кога со 1-0 го победија Лихтенштајн, а потоа продолжија со две ремија без голови против Зеленортските острови и Обединетите Арапски Емирати. Сега, ремито со Летонија на стартот во Лига нации е последен голем успех за аутсајдерот.

И колкав е напредокот на оваа земја на самата граница на Пиринеите, помеѓу Шпанија и Франција, најдобар показател е фактот дека пред само една година, на 10 октомври загубија Андорците од Летонија со убедливи 0-4. Со овој напредок, сега тие не се најслаба европска селекција, моментно се 49-ти од 55 членки на УЕФА, а во светот се на 130-то место. Зад нив на Стариот континент се Косово, Молдавија, Лихтенштајн, Малта, Гибралтар и Сан Марино. Следен меч за да ја продолжат серијата е домашниот во второто коло во Д-дивизијата во Лига на нации против Казахстан, кој загуби вчера од Грузија со 0-2.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *