На Вонредно собрание избран нов претседател на ФК „Каменица САСА“

Македонска Каменица 25. Јуни 2018 година – Вчера, во клубските простории на ФК „Каменица САСА“ од Македонска Каменица, се оддржа Вонредно собрание, на кое покрај утврдување на подготвителните активности околу одбележувањето на 50- годишнината од постоењето на клубот, обезбедување на техничка документација и услови за натпреварување во следната 2018/2019 сезона, беа разгледани и резултатските и финански извештаи од натпреварувањето во изминатата 2017/18 сезона.

Една од важните точки од утврдениот дневен ред на вчерашното Вонредно собрание на ФК „Каменица САСА“ беше и изборот на нов претседател на клубот. Со акламација од членовите на Вонредното собрание за нов претседател на ФК „Каменица САСА“ беше избран Климент Ѓоргиевски. Тој доаѓа на оваа функција по оставката на поранешниот претседател на клубот Гоце Данев, кој заради лични причини се повлече од учеството во сите органи и назначени функции во клубот.

Како вљубеник во фудбалската игра, посебно во клубот од мојот град, доаѓам на оваа позиција – претседател на ФК „Каменица САСА“, воден со мотив и желба за личен придонес во развојот на клубот. Својот ангажман како претседател на клубот ќе го вршам без финансиски примања за сработеното, без разлика на успесите кои клубот под мое водство ќе ги постигне во иднина. Најавувам борба за подобрување и овозможување на сите потребни услови на фудбалерите во тренажните процеси и натпреварувањата. Веќе наредните денови, веднаш по дооформувањето на стручниот тим ќе бидат утврдени насоките и правците во кои ќе се движи и развива клубот, со акцент ставен на развојот на потенцијалот кај младинските школи со кои располага „Каменица САСА“ како фудбалски клуб. – истакна во обраќањето до присутните членови на Вонредното собрание новоизбраниот претседател на клубот, Климент Ѓеоргиевски.

На работниот дел од вчерашното Вонредно собрание на ФК „Каменица САСА“ присуствуваше и градоначалникот на општина Македонска Каменица, Соња Стаменкова. Во своето обраќање до присутните членови на Вонредното собрание, градоначалникот Стаменкова ја најави подготвеноста на општината и во иднина, во рамки на своите можности и овластувања, да ги поддржува понудените програми на клубот и да ги овозможи потребните услови и средства кои пред се ќе бидат наменети за долгорочен развој на фудбалскиот клуб. Ја изрази својата благодарност до сите за несебичниот ангажман во борбата за опстанок во Втората македонска фудбалска лига и им посака поголем успех во следната натпреварувачка сезона. Додаде дека во иднина клубот треба да им овозможи еднакво добри услови и можности за тренинзи и натпреварувања на сите поединци, со цел секој фудбалер од сите категории на натпреварувања да ја добие својата шанса, а љубителите на фудбалот во Македонска Каменица и регионот, да уживаат следејќи ги натпреварите и успесите на својот фудбалски тим.

По завршувањето на Вонредното собрание, градоначалникот на општина Македонска Каменица, Соња Стаменкова, новиот претседател на клубот, Климент Ѓеоргиевски и дел од членовите на Собранието на клубот имаа кратка средба и разговор со играчите и тренерскиот тим во клубот каде ги искажаа своите заложби и планови за поголем заеднички успех и ангажман на сите чинители во клубот.

Сениорскиот тим на ФК „Каменица САСА“ натпреварувањето во Втората македонска фудбалска лига од 2017/18 сезона го заврши на седмото место на табелата, со освоени 25 бодови. Извојува вкупно 7 победи, 4 нерешени натпревари, 14 порази и негатива од 10 гола разлика.

Во младинските и детските категории постигнати се значајно повисоки резултати и напредок, особено во пролетниот дел од натпреварувањето кај категоријата пионери. Тие од последното место, првенството успеаа да го завршат на солидното 5-то место. Детските категории бележат стандарден успех во натпреварувањата од Регионалната детска лига – Исток во која и годинава успеаа да освојат едно второ и едно трето место по категории на финалните турнири.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *