Мими Костоска – матурантка примена на 18 светски универзитети

Костоска доби целосна стипендија за американскиот колеџот Јејл каде што ќе студира молекуларна биофизика и биохемија или биомедицински инженеринг.

Ова лето ќе биде едно од највозбудливите за матурантката Мими Костоска, која се подготвува наесен да замине во САД каде ќе биде бруцош на престижниот универзитет Јејл. Матурантката од меѓународното училиште Нова доби целосна стипендија за овој универзитет, каде што ќе студира молекуларна биофизика и биохемија или биомедицински инженеринг. Додека размислува која опција да ја избере за своите идни студии, Костоска ни раскажа за начинот на кој стигна до студирање во САД, за знаењето кое го стекна изминатите четири години во Нова, како и за нејзините планови и соништа во иднина.

Факултети.мк: Следната академска година ќе ја почнеш како бруцош на Јејл во САД. Што ќе студираш таму и дали си подготвена за предизвикот што те очекува?
– Се двоумам меѓу молекуларна биофизика и биохемија и биомедицински инженеринг, но дефинитивно во фокусот ќе биде биологијата. Контекстот ми е познат затоа што минатата година добив стипендија за летната програма на Јејл, така што јасно ми е какви се очекувањата на универзитетот. Свесна сум за предизвиците што ме очекуваат и за компетитивниот контекст со кој ќе се соочам, но со нетрпение чекам да се вклопам во таа средина.

Факултети.мк:Зошто се одлучи за студирање во САД, а не на некој универзитет во Европа?
– Аплицирав на универзитети во Англија, Холандија и САД и иако бев примена на 18, за Јејл, еден од најреспектабилните универзитети во светот, добив целосна стипендија, што искрено ми помогна да ја донесам конечната одлука.

Факултети.мк: Ја разгледа ли некогаш опцијата да студираш на некоја од високообразовните установи во земјава или од старт знаеше дека ќе се бориш за место на некој странски универзитет?
– Опцијата да студирам во Македонија секогаш постоеше, но праксата и работата во лабораторија се клучни фактори во мојата област, а тука условите за тоа не се на високо ниво. Минатото лето беше пресудно да одлучам да студирам во странство. Имено, јас добив целосни стипендии за летните програми на Јејл и Станфорд, а ова американско искуство беше клучно да одлучам да студирам токму во Америка.

Факултети.мк: Колку е тешко да се стигне до целосна стипендија на Јејл? Како се одвива целиот процес на аплицирање?
– Јас почнав да се подготвувам за аплицирање уште од трета година, а аплицирав на крајот на декември оваа учебна година. Освен акедемскиот успех, универзитетите во САД посветуваат особено внимание на вонучилишните активности како што се волонтирањето, летните програми итн. Еден од напишаните есеи се испраќа на сите универзитети, но многу од универзитетите имаат и дополнителни есеи, така што искрено има многу работа. Освен тоа, тие бараат и стандардизирани тестови како што се SAT и ACT. Јас одлучив да полагам ACT, а додека бев на летна програма на Јејл имав и интервју.

Факултети.мк: Средното образование го стекна во меѓународното училиште Нова. Колку четирите години поминати во „Нова“ ти дадоа основа и те подготвија за предизвикот наречен студирање во странство?
– Во „Нова“ научив интердисциплинарно да размислувам. Мајка ми е магистер по технички науки, така што уште од рана возраст го истражував контекстот на природните науки. „НОВА“ ми помогна академски да го постигнам својот максимум, не само во рамки на училиштето, туку и преку апликациите на летни програми во Германија, Јејл и Станфорд, како и во истражувачкиот центар „Петница“ во Србија. Сите овие искуства ми помогнаа да се насочам кон студирање на природни науки. Мојата академска советничка и професорите од „Нова“ ме следеа низ целиот процес на аплицирање. Всушност, огромен дел од успехот го должам на „Нова“, не само во однос на поддршката и помошта во подготовките за самите апликации, пишувањето на есеите за секој факултет и подготовките за полагањето на стадардизираните тестови, туку и во текот на сите 4 години полни со академски предизвици.

Факултети.мк: Каде се гледаш себеси за 10 години, дали планираш стекнатото знаење во странство да го примениш во Македонија?
– Сега сум насочена кон работа во лабораторија, а воедно и индивидуално лабораториско истражување. Во иднина се гледам себеси или како научник во некоја биотехнолошка лабораторија или како професор на универзитет кој истовремено спроведува свое истражување. Условите за истражување во областа на природните науки во Македонија не се на многу високо ниво, но ако тоа се смени, со задоволство би се вратила да го применам знаењето тука, можеби и како професор.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *