“Медена земја” е победник на “Санденс”

Во конкуренција со 11 други документарни филма од целиот свет, „Медена земја“ во режија на Љубо Стефанов и Тамара Котевска освои три награди на „Санденс“.  На церемонијата што се одржа во Парк Сити, Јута, САД, „Honeyland“ ja доби големата награда на жирито (Grand Jury Prize) за најдобар документарен филм, а на снимателите Фејми Даут и Самир Љума им беше врачена наградaта за најдобра кинематографија (Special Jury Award for Cinematography). Документарецот го доби и специјалното признание од жирито за влијание за промена (Special Jury Award for Impact for Change).

„Медена земја“ раскажува приказна за Атиџе, последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа, која живее сама со својата мајка во централна Македонија. Главна идеја на филмот е да се прикаже припадноста на човекот кон природата и нарушувањето на природната рамнотежа преку судир на два различни начина на искористување на ресурсите на Земјата.

Музиката на „Медена земја“ е на групата „Фолтин“, а како музички супервизор се јавува Рана Еид од „ДБ Студиос“ (DB Studios) од Бејрут. Документарецот, кој е во продукција на „Аполо медиа“ и „Трис филмс“, е реализиран како дел од Програмата за зачувување на природата во Македонија – проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), а е поддржан и од Агенцијата за филм.

Извор: факултети.мк

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *