МВР Билтен – Извадок на дел од дневни настани 28.10.2019

МВР Билтен – Извадок на дел од дневни настани 28.10.2019

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Делчево поднесе кривична пријава против А.Д.(41) од Македонска Каменица, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“. На 23.01.2017 пријавениот, во својство на директор во основно училиште „Свети Кирил и Методиј“ во Македонска Каменица, склучил договор за јавни набавки на услуга во износ од 350.000 денари со правно лице од Македонска Каменица, иако не ги исполнувало условите за добивање на две релации за превоз на ученици, каде било предвидено да има вработено возач за секоја релација посебно, со што овозможил правното лице да се стекне со имотна корист.
На 27.10.2019 во 20.40 часот полициски службеници од СВР Скопје во населба Карпош ги лишиле од слобода О.И.(19), Б.Л.(18) и 17-годишен малолетник, сите од Скопје, затоа што при извршен преглед кај нив била пронајдена марихуана. По документирање на случајот, против нив ќе биде поднесен соодветен поднесок.
На 27.10.2019 во 15.30 часот на Граничен премин „Табановце“ од слобода  бил лишен Д.С.(31) од Р.Србија, за кој при пасошка контрола било констатирано дека е предмет на потрага на Интерпол Унгарија и за него има распишано меѓународна потерница. Д.С. бил предаден на полициски службеници од СВР Куманово за понатамошна постапка
На 27.10.2019 во 20.00 часот полициски службеници од СВР Скопје на ул.„Васко Карангелевски“ го привеле С.Б.(23) од Скопје, затоа што при извршен преглед кај него била пронајдена марихуана. По документирање на случајот, против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.
На 27.10.2019 во 11.00 часот во близина на с.Калиште, гостиварско, полициски службеници ги затекнале Р.О. и З.Ш., двајцата од с.Калиште, кои биле на лов со уредна дозвола за оружје и дневна дозвола. Кај нив била пронајдена отстрелана срна, за која не поседувале дозвола за отстрел. Тие биле приведени во Полициската станица за Граничен надзор „Маздрача“ и по целосно документирање на случајот, против нив ќе биде поднесен соодветен поднесок.
На 27.10.2019 во 13.15 часот кај место викано „Голгота“, атар на с.Лисец, тетовско, полициски службеници од Полициско одделение Попова Шапка го лишиле од слобода Ф.Н.(44) од Тетово. Околу 12.00 часот, на наведеното место, запалил оган за скара, кој се проширил, зафаќајќи површина на сува трева. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.
На 27.10.2019 околу 13.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека во атар на с.Кучково, скопско, додека гледал мото крос трка, О.Р.(31) од Скопје бил удрен од мотоцикл, управуван од Д.К.(23) од Гевгелија, натпреварувач, кој изгубил контрола над мотоциклот. О.Р. се здобил со тешки телесни побреди и бил пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ за укажување лекарска помош. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Во текот на 25, 26 и 27.10.2019 на подрачјето на СВР Скопје преземени се мерки и активности и констатирано е дека 76 возачи управувале возила со брзина поголема од дозволената. Од сообраќај се исклучени 95 возачи, од кои: 49 возачи затоа што управувале возила под дејство на алкохол, 39 возачи затоа што управувале возила без да се стекнат со право на управување на моторно возило и седум возачи – почетници, кои не ги почитувале сообраќајните прописи согласно ЗБСП. Исто така, исклучени од сообраќај се и 38 возила бидејќи биле нерегистрирани. Санкционирани се осум возачи поради поминување на крстосница на црвено светло, седум возачи поради недавање првенство на минување на пешаци, четиривозачи поради неправилно престројување, три возачи поради неправилно престигнување, еден возач поради недавање на првенство на минување на возила во зона на крстосница, пет возачи на мотоцикли поради неносење заштитен шлем, три возачи поради неносење сигурносен појас за време на управување на моторно возило и осум возачи поради користење на мобилен телефон при управување на возило. Во однос на пешаците, санкционирани се двајца пешаци поради поминување коловоз вон пешачки премин. Во текот на изминатите денови издадени се 141 мандатен платен налог, а 99 возила се подигнати со специјално возило „пајак“.
На 27.10.2019 во 13.15 часот на крстосница oд улиците „Железничка“ и „Винковачка“ во Охрид се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко моторно возило „пежо 205“, со охридски регистарски ознаки, управувано од Т.Г.(71) од с.Долно Лакочереј, охридско, и мопед „џилера ранер СП 50“, со битолски регистарски ознаки, управуван од М.М.(24) од Охрид. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобилa сопатничката на мопедот М.М.(25) од Охрид и била пренесена во болницата „Свети Еразмо-Охрид“ за укажување на лекарска помош. Со телесни повреди се здобил мотоциклистот и бил пренесен во Општата болница Охрид за укажување на лекарска помош. Извршен бил увид на местото на настанот од екипа од СВР Охрид.
Во периодот од 23.00 часот на 26.10.2019 до 05.00 часот на 27.10.2019 на подрачјето на СВР Струмица била спроведена акциска контрола со цел откривање на возачи кои управуваат возила под дејство на алкохол. Притоа, кај 36 возачи било констатирано присуство на алкохол и тие биле соодветно санкционирани.
На 27.10.2019 во 17.15 часот во Полициската станица Центар, М.М.Ц.(39) од Скопје пријавила дека на „Јужен булевар“ била касната од куче скитник во пределот на нозете.
Во периодот од 23.00 часот на 26.10.2019 до 05.00 часот 27.10.2019 на територијата на СВР Велес била спроведена акциска контрола на возачи кои управуваат возило под дејство на алкохол. Притоа, биле откриени 21 прекршок, од кои десет во Велес, пет во Кавадарци и шест во Неготино. За сите прекршоци изречени се соодветни казни.
На 28.10.2019 во 00.35 часот на регионалниот пат Прилеп – с.Ропотово, патничко моторно возило „пежо 307“, со прилепски регистарски ознаки, управувано од Б.К.(27) од Прилеп, излетало од коловозот и се превртело. Во незгодата возачот починал на местото на несреќата, а со телесни повреди се здобиле сопатниците Ф.Б.(27) и О.Д.(18) и биле пренесени во Општата болница Прилеп за укажување на лекарска помош. Извршен бил увид од Јавен обвинител и екипа од Полициската станица Прилеп.
Полициски службеници од СВР Битола на 25, 26 и 27.10.2019 извршиле контрола за алкохол, брзина, управување без возачка дозвола, нерегистрирани возила, непочитување првенство. Притоа, било констатирано дека брзината ја надминале 34 возачи, 25 возачи зборувале на мобилен телефон додека управувале возило, под дејство на алкохол биле 18 возачи и тие биле исклучени од сообраќај, 15 возила биле нерегистрирани и 13 возачи управувале возило без возачка дозвола. За сите неправилности се изречени соодветни казни.
На 27.10.2019 во 17.10 часот во Полициската станица Драчево, А.Б.(32) од с.Батинци, скопско, пријавила дека во с.Батинци нејзината малолетна ќерка била касната од куче скитник во пределот на левата рака.
 СВР Охрид поднесе кривична пријава против Ж.Л.(58) и Г.А.(39), двајцата од Скопје и против А.Ш.(58) од с.Горна Бањица, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“. Во текот на 2017, првопријавениот и второпријавената, вработени во Министерство за правда – Биро за судски вештачења Скопје, во својство на вешти лица и третопријавениот, во својство на надворешен соработник во Бирото за судски вештачења Скопје, при постапување по Наредба за супервештачење на градба во с.Лескоец, охридско, издадена од Основниот суд Охрид, неосновано донеле заклучок дека не можат да се констатираат пенали за непочитување на договорот за градба од фирмата изведувач, иако градежниот дневник на фирмата не бил воден исправно и секојдневно, при што се повикувале на надзорниот орган од Струга. Како резултат на наведените дејствија, инвеститорот го изгубил правото за надомест на штета, со што бил оштетен за износ од 448.500 денари.
На 27.10.2019 полициски службеници од Полициското одделение Матејче од слобода го лишиле З.Ј.(60) од с.Никуштак, поради тоа што околу 10.30 часот во атар на с.Никуштак, општина Липково, упатил закани со пиштол кон Н.Н.(29) и неговиот татко Р.Н. од с.Мојанце, скопско, кои напасувале овци, по што пукал и го погодил нивното куче. З.Ј. бил задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Во периодот од 23.00 часот на 26.10.2019 до 05.00 часот на 27.10.2019 на подрачјето на СВР Тетово била спроведена акциска контрола на возачи кои ги управуваат возилата под дејство на алкохол. На тетовското подрачје биле откриени 23 возачи кои возеле под дејство на алкохол и тие биле исклучени од сообраќај, им биле одземени возачките дозволи и им биле изготвени законски предвидените поднесоци. На гостиварското подрачје, пак, биле откриени шест лица кои управувале возила под дејство на алкохол. И тие биле исклучени од сообраќај и им биле поднесени соодветни поднесоци.
На 27.10.2019 околу 22.45 часот на регионалниот пат Тетово – Брвеница се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко моторно возило „бмв“, со тетовски регистарски ознаки, што без возачка дозвола го управувал 17-годишник од тетовското село Луковица и „фолксваген голф“. Во незгодата, возачот на возилото „бмв“ и четири лица од возилото „голф“, Н.Ј.(36), Н.А.(31), А.Ј.(38) и М.Л.(33), од тетовското село Челопек, се здобиле со тешки телесни повреди и биле пренесени во тетовската Клиничка болница за укажување на лекарска помош. Додека, со телесни повреди се здобиле двајцата сопатници од возилото „бмв“ на возраст од 17 години, од тетовска Брвеница. Јавен обвинител и екипа од СВР Тетово извршиле увид на местото на незгодата.
Во периодот од 23.00 часот на 26.10.2019 до 05.00 часот на 27.10.2019 СВР Штип спроведе акциска контрола на возачи кои управуваат возила под дејство на алкохол. Од извршената контрола кај 30 возачи било утврдено присуство на алкохол. Сите биле исклучени од сообраќај,  им биле одземени возачките дозволи и издадени им се мандатни платни налози. Санкционирани се и 28 останати прекршоци.
На 27.10.2019 во 11.00 часот на ул.„Македонско – косовска бригада“ во Скопје, патничко моторно возило „фолксваген голф“, со скопски регистарски ознаки, управувано од А.С. (36) од Скопје удрило во велосипед, управуван од А.Ш.(75) од Скопје. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобил велосипедистот и бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ за укажување на лекарска помош. Извршен бил увид на местото на несреќата од екипа од СВР Скопје.
Во текот на изминатата недела, од 21 до 28.10.2019, на подрачјето на СВР Куманово преземени се мерки и активности и констатирано е дека 67 возачи управувале возила со брзина поголема од дозволената, од сообраќај се исклучени 78 возачи, и тоа 46 возачи кои управувале под дејство на алохол и 32 возачи управувале возила пред да се стекнат со право за управување на моторно возило. Од сообраќај се исклучени 24 возила бидејќи биле нерегистрирани. Санкционирани се и седум возачи  поради некористење сигурносен појас, 31 поради користење мобилен телефон за време на управување на моторно возило, 15поради престигнување и двајца возачи поради непрописно престројување. Во текот на изминатата недела издадени се 358 мандантни платни налози, 96 прекршочни платни налози, а 59 возила се подигнати со специјално возило „пајак“.
На 27.10.2019 околу 03.30 часот во Полициската станица Гостивар било пријавено дека настанал пожар во депонијата Русино во Гостивар. Околу 12.00 часот од екипа од Територијалната противпожарна единица Гостивар пожарот бил изгаснат.
СВР Охрид поднесе кривична пријава против А.М.(57) од Охрид поради постоење основи на сомение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“. Во текот на 2015, пријавениот, во својство на директор на ЈЗУ „Завод за здравствена заштита” Охрид, без да го испита пазарот на цени на моторни возила и без да ангажира стручни лица – проценители, иако знаел дека ист понудувач за исти возила дал две понуди од кои втората со понудена повисока цена од 405.919 денари, несовесно постапил и ја дозволил набавката по повисоката цена. Во врска со наведеното, пријавениот го игнорирал укажувањето на Бирото за јавни набавки и не дозволил да се испита реалноста на понудените цени од стручните лица, со што предизвикал материјална штета на Јавна здравствена установа Охрид во вкупен износ од 1.505.165 денари.
На 27.10.2019 околу 18.00 часот во СВР Велес, П.К.(50) од Велес пријавил дека пред казино на ул.„Илинденска“ во Велес три лица физички го нападнале и му одзеле пари. Се преземаат мерки за расчистување на настанот.
На 27.10.2019 во 17.00 часот во Полициската станица Центар, Т.Г.(21) од Скопје пријавила дека на Кеј „13-ти Ноември“ во близина на Плоштад „Македонија“ била касната од куче скитник во пределот на левата нога.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга поднесе кривична пријава против Д.Ј.(41) од Холандија, со привремен престој во Р.С.Македонија, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „недозволено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На 03.07.2018 во с.Горна Белица и на ул.„Моша Пијаде“ во Струга, полициски службеници извршиле претрес во домот и други простории каде престојувал пријавениот, при што пронашле и одзеле марихуана.
На 27.10.2019 во 23.57 часот во СВР Скопје, К.Т. од Скопје пријавил дека на ул.„Боца Иванова“ едно лице физички го нападнало и му одзело чанта со пари. Се преземаат мерки за расчистување на настанот.
На 27.10.2019 во 12.10 часот во СВР Скопје било пријавено дека на место викано „Ливади’’ во с.Кучково настанал пожар во патничко моторно возило „рено’’ со скопски регистарски ознаки, управувано Ц.А.(43) од Скопје, при што бил опожарен моторот на возилото. Пожарот бил изгаснат од екипа на Противпожарната бригада од Скопје. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Скопје.
На 27.10.2019 во 13.30 часот во Полициската станица Ѓорче Петров, В.П.(26) од Скопје пријавил дека на ул. „Ѓорче Петров“ бил каснат од куче скитник во пределот на долниот дел од грбот.
СВР Штип поднесе кривична пријава против О.Е.(32) од с.Оџалија, општина Карбинци, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „напад на службено лице при вршење работи на безбедноста“. На 07.10.2019 во населба ,,Баби’’ во Штип, пријавениот со возило „опел астра“, кое го управувал, не застанал на даден знак од полициски службеници и се обидел да удри со возилото полициски службеник.
На 27.10.2019 околу 15.45 часот во СВР Битола било пријавено дека на место викано „Стипта“ над с.Градешница, битолско, настанал пожар, при што горела борова шума. Според пријавеното, пожарот се проширил на територијата на Република Грција. За пожарот бил известен Центарот за управување со кризи. Се преземаат мерки за гаснење на пожарот. 
На 27.10.2017 во 21.35 часот во СВР Скопје, А.А. од Скопје пријавил дека на крстосница од улиците „Лазо Трповски“ и „Џон Кенеди“ во Скопје едно лице со пиштол пукало во неговото возило „голф“ и оштетило едно од задните светла. Нема повредени. Се преземаат мерки за рсчистување на случајот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *