МАКЕДОНСКИТЕ И БУГАРСКИТЕ ПОГРАНИЧНИ ОПШТИНИ ЌЕ СЕ ЗДРУЖАТ ЗА ЕВРОПСКИ ПАРИ

Триесетина градоначалници, меѓу кои и градоначалникот на Македонска Каменица, Соња Стаменкова и кметови од пет погранични македонски и бугарски региони, денеска во Куманово дадоа поддршка за формирање на Асоцијација на општини од прекуграничните региони на Македонија и Бугарија. Во Асоцијацијата ќе членуваат општини од североисточниот, источниот, југоисточниот, благоевградскиот и ќустендилскиот регион, а ќе има за цел заедничко настапување и учество на регионите на проекти за прекугранична соработка во фондовите не ЕУ.

„Наша основна задача ќе биде развој на регионите и заедничко лобирање на проекти од областа на социјалната заштита, образованието и културата. Ние општините од Република Македонија ќе го користиме искуството на нашите колеги од соседна Бугарија, и со тоа ќе добиеме поголема можност не само општините, туку и институциите што ние ги претставуваме да се зближат и заедно да аплицираат за европски пари кои ни се ставени на располагање“, изјави градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски, кој како домаќин ја образложи идејата пред останатите негови колеги.

Идејата за формирање на Асоцијација на општини од прекуграничните региони на Македонија и Бугарија потекнала од европратеници од Бугарија кон крајот на минатата година во Ќустендил, па таму за еден месец ќе со одржи конститутивното собрание.

Асоцијацијата доби поддршка и од Министерството за локална самоуправа, па на денешната средба соработката на општините ја поздрави заменик-министерот Дејан Павлевски, како и од Бугарската амбасада.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *