Македонска Каменица: Одржан итен состанок на Општинскиот штаб за заштита и спасување

Македонска Каменица, 22.05.2020 година – Веднаш по завршувањето на владината седница на која покрај другите мерки и одредби, беше утврдено и времетраењето на полицискиот час за време на претстојниот викенд. Од одржаниот состанок на Општинскиот штаб за заштита и спасување Македонска Каменица беше објавено следново соопштение за јавност, кое ви го пренесуваме во целост.

Вечерва, 22.05.2020 година, со почеток од 20:00 часот се одржа итен состанок на Општинскиот штаб за заштита и спасување, по претходно одржана Седница на Влада на која беа донесени дополнителни мерки и активности за заштита и превенција од ширење на COVID-19 (коронавирус).
На почетокот од состанокот членовите на Општинскиот кризен штаб од страна на Полициското одделение во Македонска Каменица беа информирани за моменталната состојба на терен, како и за бројот на изречени писмени опомени на граѓани за непочитување на мерките и препораките за заштита на личното и јавното здравје.

По исцрпната дискусија и дадените согледувања и предлози од страна на членовите на општинскиот кризен штаб беа донесени следните заклучоци:

1. Општинскиот штаб за заштита и спасување донесе одлука за продолжување на важноста на дозволите за движење за време на полициски час на лицата кои прехрануваат добиток и домашни миленици, нерегистрирани земјоделци, лица кои вршат нега на други лица и граѓани со други еднодневни потреби за движење. За наведените лица, остануваат претходно утврдените временски интервали во кои е дозволено нивно движење (недела 24.05.2020 година од 17:00 до 19:00 часот и во понеделник 25.05.2020 година од 08:00 до 10:00 часот и од 17:00 до 19:00 часот)

2. Да се продолжи со интензивно перење и дезинфицирање на градските улици, заедничките простории во станбените објекти и јавни површини во Македонска Каменица од страна на ЈП „Камена Река“ и ТППЕ Македонска Каменица.

3. Преку вонредни и засилени контроли на Пазарниот инспекторат и МВР во сите јавни објекти, маркети и аптеки да воведе строго регулирање на фрекфенцијата на клиенти. Истите се задолжуваат кон стриктно почитување на препораките за меѓусебно растојание, носење на заштитна опрема на вработените и клиентите, како и строго почитување на одредбите за контролиран влез, излез и престој на одреден број лица според големината на објектот.

4. За таа цел, од страна на Општинскиот штаб за заштита и спасување ќе биде формирана и дополнителна Редарска служба која има задача да им укажува и сугерира на сите поединци и правни субјекти кои не се придржуваат кон одредбите и мерките донесени за заштита на личното и јавното здравје на граѓаните на општина Македонска Каменица.

5. Забрана за спортските клубови и здруженија за сите спортски активности и тренажни процеси, кои опфаќаат присуство во спортски објекти и спортски игралишта.

6. Продолжува да важи забраната за користење и присуство на забавните детски паркови, повеќенаменски спортски игралишта, спортски објекти и помошни игралишта на територијата на општина Македонска Каменица. Ќе бидат засилени контролите од Полицијата и редарските служби на наведените јавни простори и објекти.

7. Старите и изнемоштени лица над 60 годишна возраст да продолжат со користење на услугите од мобилните тимови на општина Македонска Каменица, со повикување на телефонските броеви 078 651 089; 071 377 841; 078 416 528; 078 218 706.
Преку воспоставените телефонски линии овие граѓани можат да пријавуваат потреба од достава на лекови, средства за дезинфекција и храна. Со напомена дека самите го преземаат трошокот за набавка на истите.

8. Претставници на Општинскиот штаб за заштита и спасување ќе одржат состаноци со управителите или раководителите на сите продавници и маркети, аптеки, фризеници и салони за убавина, како и останатите трговски објекти за поефикасно спроведување и целосно придржување кон мерките и одредбите донесени од страна на Владата и Комисијата за заразни болести, а се однесуваат на работењето на наведените субјетки.

Поради сериозноста на ситуацијата, Општинскиот Кризен штаб на Македонска Каменица ги известува граѓаните дека сите претходно донесени одлуки и препораки продолжуваат да важат. Се упатува молба до сите граѓани да продолжат да се придржуваат кон мерките на Владата, вклучително и најновите одредби со кои дополнително се ограничува движењето на граѓаните.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *