Македонија ќе игра бараж за Светско!

Со головите на Езџан Алиоски и Елиф Елмас, фудбалската репрезентација на Македонија вечерва во Скопје го совлада Исланд со 3:1 и избори бараж натпревар за учество на Светското првенство во Катар следната година.

Избраниците на Благоја Милевски го остварија најдобриот пласман во едни квалификации за Светско првенство.

Натпреварот на Арената „Тодор Проески“ го следеа преку 17.000 гледачи

Македонската репрезентација со победата над Исланд го освои второто место во групата, зад Германија и пред Романија.

Се играше четвртата минута кога гостинскиот голман првпат интервенираше по обидот по земја на Елмас, исфрлајќи ја топката во корнер. Во седмата минута исландската одбрана попушти, откако Алиоски од левата страна со прецизна дијагонала го отвори резултатот (1-0).

Тордарсон со удар од голема далечина во 15. минута за првпат се закани по нашиот гол, но биеше многу непрецизно. Три минути подоцна се обиде Елмас, по корнерот на Трајковски, но топката мина крај дирекот.

Во 24. минута од огромна далечина се обиде Барди, но шутираше преку голот на гостите. Најзрелата наша шанса ја имаше Милан Ристовски, кој одлично беше проигран од Трајковски, но неговиот шут го запре Олафсон.

Во 40. минута Чурлинов постигна гол за 2-0, по ударот на Алиоски и одбиената топка од Олафсон, но судиите и ВАР-технологијата потврдија дека фудбалерот на Шалке 04 бил во недозволена позиција.

И на стартот на вториот дел Македонија почна со добра играВо два наврати се обидоа Милан Ристовски и Елиф Елмас, но одбраната на Исланѓаните функционираше одлично и не дозволи да се загрози голот. Потоа пристигна казната. Од првата сериозна шанса, Исланд дојде до изедначување. Во 54. минута по едно нафрлање капитенот Бјарнарсон спушти топка со глава до Торстеинсон, а тој го совлада Димитриевски. Судијата Маса го призна голот и покрај прегледувањето на ВАР.

Кратко траеше радоста на Исланѓаните, затоа што во 65-та минута по една мешаница во гостинскиот казнен простор Елмас се најде на вистинско место и ја врати предноста за Македонија (2-1).

Од 79. минута Македонија играше со играч повеќе. Поради втор жолт картон исклучен беше Јоханесон.

Победата на македонската репрезентација ја потврди Елиф Елмас со неговиот втор гол на натпреварот, за конечни 3-1.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *