МАКЕДОНИЈА ЈА ДЕКЛАСИРАШЕ РУСИЈА ЗА ПРВА РАДОСТ НА МУНДИЈАЛОТ ВО АЛЖИР

Машката младинска репрезентација на Македонија со победа стартуваше на Мундијалот во Алжир, откако во тежок и неизвесен натпревар славеше над незгодната Русија со 29:22. Избраниците на Илија Темелковски, иако имаа негатива во вториот дел, сепак со добра игра во одбраната, помогната од одличниот Томовски на голот, направија комплетен пресврт и го решија овој натпревар во своја корист, со што практично обезбедија место во осминафиналето.

Филип Кузмановски уште во првиот напад донесе водство за Македонија со 1:0, но Русите веднаш израмнија на 1:1, а по нашата грешка во нападот и поведоа со 1:2. Пикерот Арсеновски претвори во гол една асистенција од бековите за 2:2. Беше и 2:3, но Кузмановски имаше одговор и стрела за 3:3. По грешката во нападот на Русија, левото крило Палевски и донесе ново водство на Македонија за 4:3, но играта гол за гол продолжи и „зборнаја“ врати за 4:4.

Арсеновски промаши зицер во следниот напад, но Кузмановски и Јагуриновски искомбинираа два гола во серија за првпат плус 2 за Македонија, 6:4. Но ниту оваа предност не траеше долго, бидејќи руските младинци набрзина возвратија за 6:6. Повторно истите двајца, Кузмановски и Јагуриновски погодиија за нова предност од плус 2, 8:6 во 15 минута. Томовски одбрани еден шут на Русите, но не искористивме прилика за плус 3. Зачестија грешките во нападот, „зборнаја“ казнуваше и направи пресврт за 8:9 во 19 минута. Кузмановски ја врати Македонија во егал, 9:9 во 20 минута, пред да почне постот од 6 минути без гол на двете страни.

Добивме и 2 минути казна поради неправилна измена и одземен напад, но и покрај тоа Палевски носи 10:9 во 27 минута. Сепак не издржавме, Русија прво израмни, пред Шилегов да погоди статива, а примивме гол од пенал по истекот на времето, за водство на „зборнаја“ на пауза со 10:11.

На стартот на вториот дел Русите набрзина зголемија на 10:13 и потоа беше тешко да се брка нивното водство. Арсеновски намали на 11:13, а потоа и на 12:14, пред капитенот Талески да добие 2 минути. Русија поведе и со 12:15, но младинците покажаа психичка стабилност во овие моменти и со серија од 3 голови го вратија мечот на нула, 15:15.

Русија водеше со 16:17, но во 43 минута Македонија ја врати предноста на своја страна и поведе со 18:17 преку Нелоски. Тој доби црвен картон, престрого, а Томовски го одбрани пеналот кој беше казна за досудениот картон. Имаше пенал и за Македонија, кој Палевски го претвори во гол за 19:17. Нашите момци имаа шанса и за плус 3, но се сплеткаа па Русија намали на 19:18. Беше и 20:18, па 21:19 со голот на Велковски.

Почнавме малку погрубо во одбраната и Палевски и Кузмановски беа исклучени во иста акција, но Русите згрешија во првиот обид. Во вториот од контра беа прецизни и резултатот во 50 минута беше 21:20. Талески зголеми на 22:20, а по одбраната на Томовски, Јагуриновски донесе за првпат највисоки три разлика, 23:20. Голманот на Металург беше најдобар кога најмногу требаше и повторно одбрани шут на Санталов, а Јагуриновски постигна нов гол за 24:20.

Не помогнаа ниту тајм-аутите на рускиот селектор, бидејќи Арсеновски во 55 минута зголеми на 25:20, а истиот играч стрелаше уште два пати во серија за 27:21. Горан Крстевски доби црвен картон за остар фаул, а Русите намалија на 27:22. До крајот погодивме уште два пати за конечни 29:22 и прва мундијалска радост на Македонија. Најдобар стрелец во македонската репрезентација беше Филип Арсеновски со 7 голови, Јагуриновски даде 6, Кузмановски имаше 5 реализации, а Палевски беше стрелец на 4 гола. Вториот натпревар го играме задутре против Буркина Фасо.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *