Кукуљето – редок природен феномен во делчевски Нов Истевник, сличен на кратовска Куклица (ММС)

ММС, 11.01.2019

На локалитетот кај селото Нов Истевник има педесетина земјени пирамиди слични на кукли, поради што и се вика Кукуљето, некои се високи и до 15 метри, од далечина наликува на голем замок или на стар град од пред векови, но таа геоморфолошка реткост, тие ремек-дела на природата, поради тешко пристапниот терен и неинформираноста, досега ги имаат видено многу малку луѓе

Пишува: Љупчо Шатевски
Фотографии: Марјан Митриновски

Македонија, освен кај кратовска Куклица, има уште еден сличен локалитет како природен феномен и геоморфолошка реткост. Тоа е местото Кукуљето кај делчевското село Нов Истевник, но за него малку се знае поради тешко пристапниот терен, иако е на неколку километри од регионалниот пат Делчево – Пехчево – Берово. Природата на тоа место извајала големи земјени пирамиди, дел од нив се слични на човечки фигури, како скаменети кукли, а од малку поголема далечина целиот тој простор нуди импозантна слика и наликува на голем замок или стар град од пред векови.

Кукуљето атрактивно и за странци

Но, таа слика ретко кој ја има видено. Освен локалното население, низ шумата до Кукуљето, кое е на надморска височина од 850 метри, досега уживањето во тој феномен на природата главно го имаат почувствувано планинари, луѓе од научната фела, професори, студенти. И тоа главно во пролетните и летните месеци, кога полесно може да се стигне до него. А за Кукуљето интересот се зголемува и од странци. Секако, оние што слушнале за него. Пред десетина дена, на 31 декември, таму беше група планинари од престолнината на Бугарија, Софија, која ја предводеше пехчевскиот планинар Марјан Митриновски, чест посетител на Кукуљето, кој со својот фотоапарат го регистрира секој детаљ.

Групата планинари од Софија на пат од Нов Истевник до Кукуљето

– Овој феномен што го создала природата секогаш е убав. Воодушевуваат пирамидите, фигурите што ги создала природата. И лете и зиме, и на сонце и под снег, кога по патот до него во снежната белина се отцртуваат само траги од зајаци, лисици и од по некој волк. Сега има снег, а кога пред десетина дена беа планинарите од Софија, немаше. И тие се воодушевија од убавината на Кукуљето – истакнува Митриновски.

Кукуљето секогаш воодушевува – и без (горе) и под снег (долу)

Геоморфолошки процес што трае неколку илјади години

Локалитетот се протега во должина од околу 200 метри. Има педесетина земјени пирамиди високи и до 15 метри, создадени од природното влијание на атмосферските фактори и на специфичните геолошки форми и структура на земјиштето. Според стручњаците, тој процес, таа интересна релјефна појава на локалитетот почнала пред неколку илјади години, а создавањето на земјените пирамиди е тесно поврзано со генезата на ерозивниот мел, во чие подножје се формираат. Улога на заштитна капа имал глинестиот слој и кореновиот систем на џбунестите растенија, кои ги штитат од ерозија меките песоци, со што постепено се формирале столпчиња или кукли.

Локалното население им се восхитува и се гордее со локалтетот и со куклите. Кажуваат кои од нив се сватовите, младоженецот, невестата. Со векови кружеле легенди и преданија за нив, слични на тие во Куклица. И името Кукуље е слично, изведено од кукли или од една многу стара легенда поврзана со свадба за која се’ уште се раскажува во Делчевско, во Пијанец. Најчестата варијанта на легендата што народот одамна ја раскажува за Кукуљето ни’ ја кажа пијанечкиот хроничар Димитар Узунски.

Природата извајала ремек-дела: Кукуљето

Навредиле и понижиле „питач“, па Господ ги скаменил сватовите

– Се работи за свадба според старите овдешни обичаи. Невестата била од Тработивиште, а младоженецот од Нов Истевник. Сватовите со невестата тргнале од Тработивиште кон Нов Истевник и, според обичајот, испратиле пред нив две момчиња со трчање да однесат абер кај родителите на младоженецот дека доаѓаат сватовите. Попат момчињата ги сретнал еден стар човек, кој наликувал на питач, но всушност бил Господ. Им честитал за свршувачката и побарал нешто да го почестат. Момчињата го одбиле на крајно некоректен начин старецот, за кого мислеле дека е питач. Господ многу се налутил и извикал: „Нели ви е срам, треба сите кукољ да станете“. Така, сите биле скаменети, односно, според локалниот дијалект, скукулени. Кај нов Истевник имало повеќе свадбари, па затоа, според легендата, има и повеќе камени кукли, а на локалитетот кај Тработивиште се помалку – раскажува Узунски.

Тој објаснува и оти во Пијанец, освен Кукуљето, има уште два слични локалитета – веќе споменатиот кај Тработивиште и кај селото Звегор, ама Кукуљето кај Нов Истевник било најимпресивно.

ЛОКАЛИТЕТОТ ЌЕ СЕ УРЕДУВА И ЌЕ СЕ ПРАВИ ПЛАНИНАРСКА ПАТЕКА

Неуредениот локалитет и несигнализираниот и тешко пристапен пат од Нов Истевник до Кукуљето, кој за оние што може да се снајдат се изодува за дваесетина минути, се причините што малку луѓе досега имале можност да го посетат атрактивниот локалитет. Пред десетина години се проби патека до подножјето на Кукуљето, самоиницијативно на човек по потекло од Истевник биле поставени и клупи и летниковци, но, поради забот на времето, малку е останато од тоа.

Пред година-две, во соработка со Швајцарската агеција за развој и соработка, се направи каталог, се поставија и информативни табли и патокази до најинтересните места за посета на Пијанец, меѓу кои е и Кукуљето. Годинава се очекува да биде реализиран уште еден проект со кој се очекува да им се олесни пристигнувањето до Кукуљето на заинтересираните туристи, планинари, вљубенци во природата…

– Направивме проект за уредување на природниот феномен Кукуљето и за поставување и уредување планинарска патека од Нов Истевник до Кукуљето во должина од 1.550 метри, која потоа ќе продолжи до врвот Бела Планина и до историското Разловци, во вкупна должина од 12 километри. Уредувањето на Кукуљето, каде ќе бидат поставени информативни табли, маси, столови и клупи, како и фотолетниковец на највисоката точка од локалитетот, треба да биде финансирано од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, а планинарската патека, која ќе биде според сите современи стандарди, од делчевската локална самоуправа. Ако се’ се одвива според планот, очекуваме се’ да биде завршено до оваа есен – вели Љупчо Чучуковски, претседател на планинарскиот спортски клуб „Голак“ од Делчево.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *