Кошаркарите на КК Баскет Кам на прием во кабинетот на градоначалничката Стаменкова

Огромните успеси на КК Баскет Кам во изминатата сезона беа повод градоначалничката Стаменкова да приреди прием во својот кабинет за дел од најуспешните кошаркари и преставници на клубот
Македонска Каменица, 10.07 2019 година –Огромните успеси на КК Баскет Кам во изминатата сезона беа повод градоначалничката Стаменкова да приреди прием во својот кабинет за дел од најуспешните кошаркари и преставници на клубот.
При посетата, Стаменкова изрази големо задоволство за освоените бронзени медали во младинските М18 женска и М12 машка конкуренција кои се одлично достигнување во спортот за локалната самоуправа и несомнено беа причина за радост за сите љубители на спортот во Македонска Каменица. Успесите на КК Баскет Кам, за општина Македонска Каменица се доказ дека со континуираното вложување во спортот, резултатите никогаш не изостануваат и секогаш вродува со плод.
Првиот човек на локалната самоуправа Стаменкова, ја искористи приликата уште еднаш да им го честита успехот на кошаркарите, да им порача дека само со работа, труд и со упорност може да се реализираат како професионални спортисти.
 
Општината продолжува да работи во насока на подобрување на инфраструктурата за развој на кошарката и младинскиот спорт во Македонска Каменица. Минатата година беше изграден супер модерен терен за кошарка во школскиот двор од средното училиште, а во најскоро време ќе започне етапно да се реализира и целосната реконструкција на спортската сала во основното училиште.
 
Младите кошаркарите изразија задоволство и благодарност за искажаната чест за нивното присуство во кабинетот на градоначалничката. Додадоа дека тоа за нив ќе биде уште еден мотив плус, да продолжат уште попосветено да работат и да се претстават себе и својот град во најдобро светло на државните и меѓународните натпреварувања.
Посетата на кабинетот на градоначалничката на Македонска Каменица, Соња Стаменкова ја искористија, во знак на благодарност за несебичната поддршка, да и подарат по еден бронзен медал, од освоените трети места на државните натпреварувања.
 
Тренерот на КК Баскет Кам, Горан Даниловски кажа дека Македонска Каменица веќе е препознатлив град по успесите во кошарката и воопшто по вложувањето на општината во спортот кај младите. Задоволство е кога целите на општината преку инвестирањето во нова инфраструктура се остваруваат со постигнување на врвни резултати на нашите млади кошаркари. Тоа говори за добро воспоставен менаџерски и тренажен систем, кој гарантира успех и во иднина.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *