Конечно: Домаќинствата ќе станат производители на струја

Домаќинствата конечно ќе станат производители на струја
Домаќинствата и малите фирми во иднина ќе можат да бидат не само потрошувачи, туку и произведувачи на електрична енергија. Министерството за економија ги подготви уредбата и правилникот за обновливи извори, како подзаконски акти на новиот Закон за енергетика, што беше донесен во мај годинава. Со нив, ќе се овозможи физички и правни лица да инвестираат на своите приватни или деловни објекти во фотоволтаици и да произведуваат енергија за своите потреби, а вишокот енергија може да го продаваат на слободен пазар.

Новите акти предвидуваат и распишување аукции на кои ќе може да учествува секој потенцијален инвеститор на фотоволтаици и ветерни централи, а главен критериум при изборот кој од нив ќе добие премиум-тарифа, ќе биде барањето на помала субвенција од државата. Веќе се одредени и државните парцели на кои ќе може да се гради. Тие ќе бидат урбанизирани и ќе им се обезбедат приклучоци кон дистрибутивниот или преносниот систем. Ќе се нудат на аукции, а пристап ќе имаат инвеститори со различни интереси, со оглед на тоа дека се предвидени парцели со поголема инсталирана снага од десет и повеќе мегавати, но ќе има и такви што ќе бидат наменети за централи со снага од еден до три мегавати. Прописите ги одредуваат и горните граници на инсталирана моќност кои за хидроелектраните се до 10 мегавати, за ветерните паркови, 50 мегавати, а за електраните на биогас и биомаса, еден мегават. За фотоволтаичните централи максималната моќност е до 30 мегавати.

За новите документи, вчера во Стопанската комора на Македонија, расправаа вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и министерот за економија Крешник Бектеши со стручната јавност и потенцијални инвеститори.

Според вицепремиерот Анѓушев, се очекува во период до две години да бидат изградени централи на фотоволтаици со инсталирана снага до 200 мегавати. Тоа, според него, нема да ги реши енергетските проблеми на земјата, но ќе ја задоволи потребата од дневната потрошувачка на електрична енергија.

„Со новите прописи се деблокира производството на енергија од фотоволтаици и од ветерни електрани. Главната измена во правилникот е воведувањето можност секое домаќинство или фирма да стане производител на електрична енергија и да инсталира фотоволтаици на својот објект. На тој начин работењето на фирмите ќе биде поекономично, а од друга страна, сите ќе придонесуваат за поголема инсталирана снага на електричната енергија во нашата земја“, вели Анѓушев.

Лимитот за градење на фотоволтаичните електрани, според Анѓушев беше главната причина за стопирање на изградбата на фотоволтаични централи во земјава изминатите години, иако Македонија има огромен број на сончеви денови во годината и енергијата на сонцето може да ја користи неограничено. Тој појасни дека во однос на користењето на државна поддршка се воведува премиум-тарифа, а ќе ја добијат инвеститорите кои ќе побараат најмала субвенција.

„Штета е што досега не се изградени повеќе вакви капацитети кои се тренд во целиот свет. Со новите подзаконски акти се деблокира овој процес и се детерминира и можноста вишокот енергија да се продава на слободниот пазар. За тоа веќе има голем интерес и очекувам тоа дополнително да го раздвижи пазарот на електрична енергија“, рече Анѓушев.

Министерот Бектеши информираше дека заложбата на Владата е промовирање на користењето на обновливите извори на енергија.

„Законот за енергетика ги вклучува и барањата за конкурентен процес на наддавање за инвеститорите кои ќе користат мерки за поддршка, односно премии, како и интеграцијата на оваа енергија на пазарот на електрична енергија. Средствата за исплати на премии ќе се обезбедуваат од Буџетот на годишно ниво, за што Министерството ќе доставува годишна програма до Владата“, истакна Бектеши.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *