Колку македонските политичари користат маркетинг на социјални медиуми?

Во овој текст немаме намера да фаворизираме било каква македонска политчка опција. Акцент ќе биде ставен на маркетингот на социјалните медиуми кој го водат македонските политички партии и нивните лидери. Поучени од западниот свет, македонските политичари се се поприсутни на социјалните мрежи. Уште на прв поглед е евидентно дека го имаат „одврзано ќесето“ и дека позади нивните официјални профили на facebook, twitter, instagram и youtube стојат професионалци. „Позади секој успешен политичар стои беспрекорна маркетинг кампања“ е правило кое важи и за нив. Е сега, дали и на колкав процент од популацијата и се допаѓаат рекламните кампањи на македонските политичари е прашање за друго место.

Факт е дека најкористен социјален медиум е facebook, веројатно од причина што е и најпопуларен во Македонија. Тука, тимовите задолжени за social media marketing на политичарите ги користат сите расположливи алатки и кампањите се сосема коректни. Најголем дел и од финансиските средства одделени за маркетинг кампањи на социјални медиуми се трошат на facebook. Недостаток е, особено кај фан страните на локалните ограноци на сите партии, што кампањите се исклучиво партиски насочени и предизвикуваат реакција само кај цврсто определеното партиско членство. Во овие случаеви, администраторите забораваат на фактот дека најголем дел од корисниците на facebook бараат забавни содржини, па партиските реклами се со незначителен ефект.

Youtube, исто така, е често користен медиум во промовирањето на политичарите, иако е забележливо дека се повеќе се става акцент на можностите за поставување на видеа што ги нуди facebook. Искуството на врвните професионалци во областа на маркетингот на социјални медиуми, вели дека, за постигнување на најголем ефект од објавените видеа, неопходно е користење на facebook и youtube паралелно. Забележливо е дека, и при постирањето на видео материјали, ретко се води сметка за нивното траење, па се случува и ваквите постови да не предизвикуваат некој позабележителен успех, често поради неадекватноста на должината и квалитетот на видеата.

Twitter и instagram се недоволно употребувани, што од наша страна, се смета за огромен пропуст. Веројатно тимовите задолжени за промоција на политичарите сметаат дека овие медиуми се помалку употребувани во Македонија, па од таа причина им посветуваат помало внимание. Сепак, и на twitter и на instagram е присутен значаен дел од македонската, особено помлада популација, и со правилно насочување на кампањите, би се постигнале евидентни резултати.

И уште една работа на која ќе укажеме во текстов е, дека мора да се подобри употребата на македонскиот јазик и користењето на кириличното писмо во текстовите кои  преку социјалните медиуми ги упатуваат политичарите.

Чиј маркетинг и кој е подобар политичар, ќе пресудат македонските граѓани, веќе на претстојните предвремени парламентарни избори кои ќе се оддржат на 11-ти декември.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *