Книжевност: Со смрта на Горан Стефановски кај нас заврши една епоха

Заврши епохата на вредносни вертикали кои можеа да ги вкоренат културните патокази на ова парче земја.

Се збогуваме со последното парче на добро подготвена почва, со најрафинирано ѓубриво; од овде натаму, три пати треба да помислиме дали ќе имаме капацитет да засадиме кавлитетно семе, да го култивираме, па да изрти во убав плод.

Ако Блаже Конески беше самиот јазик, тогаш Петре М. Андреевски и Горан Стефановски беа двете најплодни, најразлиситени и највитални гранки на неговото сеопфатно стебло.

Јазичната и мисловна виспреност на нашиот Горан Стефановски ни покажа како се мисли богатството на светот и на културите од Цепенков до Шекспир преку Бекет. Тој чудесен шекспиријанско-бекетовски Итар Пејо… Тој трезор на умноста, акутноста, вечноста… Тој духовит духовник…

Мајстор на дијалогот. Длаборезач на вистината. Драматуршки маг. Подобар не сме имале…

Сѐ што кажа уште пред 40 години вреди до ден денешен, а ќе вреди за навек.

„Ќе изгинеме по некои дупки“, ни рече, укажувајќи ни дека во грлото ни расте „Диво месо“. „Секое дно е дупло дно“, нѐ предупреди, покажувајќи ни ја „Црната дупка“ на нашето гнило општество кое уредно, без прекин, ги „тетовира нашите души“.

Не знаеше да вози кола. Ја шеташе земјава со воз и автобус до последно. Велеше: „што ќе ми е кола, во кола можеш да сретнеш еден до двајца кои се, демек, по твоја мера, а во автобус и воз си соборен, взаемен, споделен со вистинското лице на светот, со допадливото и недопадливото, во постојано искушение, напрегнатост, конфликт – што е аристотеловска драматуршка претпоставка. Колата е себична, автобусот и возот се емпатични“.Така велеше Горан.

Роден за драмски конфликт. Ја живееше и копнееше драмската структура и надвор од книжевната сценаска предлошка.

И сега нѐ остави да го продолжиме патувањето сами, изгубени, заталкани во „огнените јазици“ оттаде историјата… Последниот голем архивар и приказничар на македонската култура и на македонските дубиозни крстопати нѐ остави за да поработиме малку сами на своите соочувања… Бидејќи неговата книжевна и животна мисија беше мисија на учител кој соочува, кој верува дека љубовта низ строгост се негува…

Можеме да прогласиме крај на една епоха.

Ќе умееме ли да отпочнеме нова?! Кој да знае… Не мириса на арно.

Се гледаме, драг Горан, на едно парче топлина и на едно тивко, луцидно и проникливо смеење, какво што беше само твоето.

:::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::

Горан Стефановски

ДОМАШНИОТ ЛИРСКИ ЕСАП НЕ ИЗЛЕГУВА ЛЕСНО НА КОМЕРЦИЈАЛНИОТ, ЕПСКИ ПАЗАР

(…) Сите живи суштества се раѓаат со инстинкт за преживување. Пајаците, за да преживеат, имаат совршен вроден инстинкт за ткаење мрежи. Луѓето, за да преживеат, имаат совршен вроден инстинкт за ткаење приказни – за тоа кои се, што се, од каде доаѓаат и каде одат.

За нас нема ништо поважно од овие приказни. Тие се срж на нашиот живот, столб на нашиот идентитет. Идентитетот е приказна за тоа кои сме, зошто сме и што сакаме. За да можеме да преживееме во суровиот свет, оваа приказна мора да е точна, заснована на познавање на теренот, на длабок увид, на прецизен тлоцрт. Погрешната приказна може скапо да нè чини, да нè одведе во заблуда, во ќорсокак, во смрт. Бидејќи теренот постојано се менува, и приказната мора да претрпува постојани уточнувања. Приказната е мапа. Ако мапата не одговара на теренот, ние сме изгубени, како во џунгла. Уште од деца, гладни сме за приказни, преку нив го учиме животот, се подготвуваме за него.

Ги учиме контрастите, несогласијата, конфликтите, драмата на нашите животи: Црвенкапа наспроти волкот, доброто наспроти злото, љубовта наспроти омразата, вистината наспроти лагата, суштината наспроти привидот, Хамлет наспроти Елсинор, Силјан наспроти Коњари. Имаме насушна потреба да ja разбереме приказната за себе, да се огледаме, да се препознаеме, да се окуражиме. Копнееме да ja споредиме нашата приказна со други приказни, да испитаме каде сме исти, каде слични, а каде сосем различии. Бараме мајстор раскажувач кој ќе ги протолкува знаците, ќе ги симне маските, ќе ги поврзе причините и последиците, ќе понуди патокази.

Приказната некогаш е неартикулиран крик, некогаш хармонична мелодија; некогаш е темна и непроѕирна како рентгенска снимка, некогаш е сјајна и весела како бајка; некогаш е смешна, некогаш ужасна, а понекогаш и двете. Но едно е јасно: ниедна култура не може да опстане без точна, снажна и автентична приказна! И не само тоа: културата Е токму таа точна и снажна и автентична приказна.

Театарот е моќна работилница и погон за приказни. Во театарот приказната не се РАСКАЖУВА, туку се ПОКАЖУВА. Таа е сега и тука, пред нас, на дофат. Театарот е мегдан на кој го остриме алатот на нашата приказна, разбој на кој ги ткаеме нејзините конци, тука го вежбаме мускулот на нашата свест и совеет, го уточнуваме нишанот на нашата акциЈа, ja ставаме на вага нашата историја и судбина.

Ja покажуваме нашата приказна – нашата вистина за тоа кои сме биле, кои сме и кои сакаме да бидеме за однапред. Сето ова лесно се голта како теорија, но тешко се спроведува во пракса. Домашниот лирски есап не излегува лесно на комерцијалниот, епски пазар. (…)

Фрагмент од текстот „За нашата приказна“; пристапна беседа за дописен член на МАНУ

Фотографија (од Кентербери, во Кент, Англија) од лична преписка; прикажани се некои од книгите користени за подготовка на драмскиот текст „Огнени јазици“ од Горан Стефановски.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *