Кафе за почетници. Што нарачуваме, а што пиеме?

Веќе сме ги научиле италијанските називи на разни видови јадења, од шпагети до лазањи и пици. А, знаеме ли што е тоа кафе дел ноно?

Турско кафе? Виенско кафе? Кафе со шлаг (со матена слатка павлака)? Кој сè уште го порачува тоа? Сега кафето се подготвува како во Италија. Можеби, немаме храброст да прашаме што се крие зад некој назив, па одговараме и на непоставените прашања… Веројатно, добро го познаваме еспресо кафето, но веќе, можеби, тргнало кон нас и засега помалку познатото кафе дел ноно, а уште колку ги има!? Најчесто тие кафиња се послужуваат во филџани во различна големина, а поретко во чаша, и тоа само ако состојките се видливи во наслојки.

ЕСПРЕСО КАФЕТО е добиено со филтрирање во посебен апарат за подготвување кафе, па нема талог, а на површината се создава малку пена. Сите натамошни видови кафе се подготвуваат во апарати и немаат талог.

КАФЕ Е ЛАТЕ е едноставно кафе со млеко. Кај нас, подобро ќе ве разберат ако порачате макијато, што е исто. Ако посакате поинаква мешавина, може да побарате кафе корето или кафе во кое се сипува некој алкохолен пијалак.

ЛАТЕ МАКИЈАТО наликува на макијатото зашто состојките се исти, но изгледот е посликовит, па се послужува во чаша. На дното се шприца пена од млеко (направена од машина), врз неа се става свежо еспресо, а на крај ладна пена од млеко, па наслојките не се мешаат.

ЕСПРЕСО МАКИЈАТО, исто така, е кафе со млеко, само што на двојно количество кафе се шприца пена од млеко и не се меша. И се послужува во чаша!

КАПУЧИНО е еспресо во филџан, а на врвот се шприца пена од млеко во облик на купола, така што покрај работ се гледа кафето како венче.

ЛАКИНО е нов вид ледено кафе: во чашата од миксер се сипуваат 2 филџана добро разладено еспресо кафе, 150 мл ладно масно млеко, 3 лажици кафен шеќер (понекогаш се додава мирис од ванила, бадеми или карамел) и десетина коцкички мраз. Со матењето се создава пена и се сипува во чаши.

КАФЕ ДЕЛ НОНО (за 6 лица): во 6 филџани жешко еспресо измешајте 120 мл ликер од кафе, 12 лажички кафен шеќер и 6 лажички пржени зрнца (немелени) кафе и мешајќи, загревајте ги додека не се стопи шеќерот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *