Калифорнија прва побара независност од САД

Претставниците на иницијативата „Калегзит“, кои се залагаат за отцепување на Калифорнија од САД, добија дозвола да почнат да собираат 600.000 потписи.

Толкав број потписи се неопходни за иницијативата во ноември 2018 година да се даде на гласање.

Калифорнискиот државен секретар Алекс Падила им даде дозвола на предлагачите на иницијативата „Калифорнија држава“, исто така познато и како „калегзит“, по моделот на брегзит, да почнат да собираат 600.000 потписи потребни за да поднесе формален предлог.

Тоа би било малку повеќе од осум проценти од запишаните избирачи во Калифорнија, која е најнаселената американска држава, со речиси 40 милиони жители.

Ако иницијативата е успешна, гласачите на референдум во 2019 година ќе одлучат дали Калифорнија треба да стане посебна држава.

Според Фокс њуз, прашањето ќе биде „Дали Калифорнија треба да стане слободна, суверена и независна држава?“

Падила, меѓутоа, посочува дека таквата одлука би ѝ донела многу трошоци на Калифорнија, пренесува Франс прес.

Идејата за независност на Калифорнија станува сè попривлечна за многу граѓани на државата по победата на Доналд Трамп на изборите.

Ова не е прв обид за отцепување на Калифорнија, но лидерите велат дека целта на претходните обиди главно била создавање свест за прашањето и добивање јавна поддршка. Тие велат дека поновите анкети покажуваат дека повеќе Калифорнијци сакаат „развод“ од унијата и сметаат дека изборот на Трамп за претседател уште повеќе ја поттикнал нивната кауза.

„Дефинитивно гледаме дека има уште поголема поддршка за ова и сакаме да ги добиеме потписите, особено сега, кога сме во првите 100 дена на претседателството на Доналд Трамп, кога тој агресивно ги спроведува своите политики, кои жителите на Калифорнија ќе ги отфрлат – и ги имаат отфрлено“, изјави Луис Маринели, претседател на движењето за независност на Калифорнија, во интервју во петокот.

„Американскиот систем има многу нефункционалности, корупцијата во Вашингтон, анимозитетот во САД како целина. Така, ние сакаме да се отцепиме од сето тоа и да си поставиме нов пат напред. Да се утврдиме како некој вид прогресивна република на западниот брег на Северна Америка“, додава Маринели.

Во однос на годишниот БДП, Калифорнија би била шеста во светот кога би била посебна нација. Калифорнија, каде што живее секој осми Американец, на изборите во 2016 година гласаше за Хилари Клинтон.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *