КАЛИМАНСКО ЕЗЕРО ВО МОМЕНТОВ ИМА 51 МИЛИОН КУБНИ МЕТРИ ВОДА

КАЛИМАНСКО ЕЗЕРО ИМА 51 МИЛИОН КУБНИ МЕТРИ ВОДА

12.01.2023 – Вработените во водостопанската подружница „Брегалница“ од Кочани почнаа со чистење и оспособување на каналската мрежа пред почетокот на новата наводнителна сезона на оризовите полиња во регионот.

Со механизација се чистат земјени канали во должина од над триесетина километри на територијата на општина Чешиново-Облешево, во атарите на селата Кучичино, Бурилчево и Чифлик, а во текот на февруари и март треба да се оспособат уште околу 200 километри канали на подрачјето што го опфаќа хидросистемот.

-Иако хидролошката состојба е неповолна и реките имаат исклучително низок водостој за овој период од годината, во моментот во браната Калиманци се акумулирани 51 милион кубни метри вода, што е околу 45 отсто од нејзиниот максимален капацитет. Тоа е резултат на домаќинското и планско работење во претходната наводнителна сезона, со што успеавме да заштедиме околу 35 милиони кубни метри, што во споредба со сезоната 2020-2021 е повеќе од двојно зголемување, истакна Благојчо Богатинов, раководител на водостопанската подружница „Брегалница“.

Тој додаде дека со досегашната динамика на полнење на акумулациите, ако во наредниот период нема пообилни врнежи, ќе се обезбедат минималните 80 милиони кубни метри вода, за да почне наводнувањето во текот на април.

-Веќе имаме такво искуство од пред две сезони кога со слични количини успешно го завршивме наводнувањето во целиот регион, додаде Богатинов.

Подготовките на планот за наводнување на оризовите полиња, што вообичаено се реализираа со почетокот на годината, ќе бидат одложени за неколку недели, односно ќе се прават според хидролошката состојба во текот на февруари. Од тоа ќе зависи дали ќе има намалување на површините со ориз, кој во претходната сезона беше засеан на околу 4.100 хектари.

Пишува: Т. Ајтовски за КаналОсум Кочани

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *