Казина и обложувалници да има само во хотели со пет ѕвезди, предлага АА

Зијадин Села вели дека предлогот кој беше инициран од други политички партии, но сега се „изгубил некаде“, а кој предвидува оддалечување на објектите за игри на среќа на минимум 500 метри од образовните и верските институции не е решение туку само ја комплицира ситуацијата и дека на таков начин казината и обложувалниците повторно ќе бидат во близина на домовите

Игрите на среќа, казината и обложувалниците да ги има само во хотелите со пет ѕвезди, е најновиот предлог на Алијанса за Албанците (АА) за кој денеска соопшти партискиот лидер Зијадин Села. Тој паралелно побара и поддршка од пратениците од другите политички партии во Собранието за изгласување на ваквите законски измени.

Ставот на АА, како што рече Села, е дека игрите на среќа треба да се забранат, но со оглед дека другите политички партии не го делат истото мислење, денешниот предлог е компромисно решение.

„Нашиот став е дека треба да се забранат овие игри на среќа, но тоа го немаме во овој предлог затоа што го знаеме ставот на сите политички партии и тоа не можеме да го постигнеме. Другите политички партии не се за затворање на игрите на среќа, па според тоа ние нудиме решение. Сакаме овие игри на среќа, казина и обложувалници да бидат сместени исклучиво во хотели со пет ѕвезди“,

рече Села.

Другите измени што ги предлага АА е да се ограничи рекламирањето, а секоја дополнителна реклама да чини поскапо и парите од неа да одат на сметки на општините.

„Со овој предлог, на казината и игрите на среќа им се забранува да се рекламираат повеќе од димензиите кои ќе се во предлог-законот, некаде на простор од 30 до 50 сантиметри. За секој метар квадратен дополнително со кој ќе се рекламираат, парите да одат на посебна сметка на општината каде се рекламираат. За секој метар квадратен би се наплаќало минимум 200 евра. Ние сме за тоа да разговараме и со другите политички партии и пратеници овој надомест да биде уште поголем со тоа што овие пари би оделе во инвестиции за спорт, младина и граѓаните кои имаат посебни потреби. Спремни се да разговараме и во делот, според примерот на многу европски земји, да се забрани пристап до овие игри на среќа за социјалните случаи“,

вели Села.

Тој вели дека предлогот кој беше инициран од други политички партии, а сега се „изгубил некаде“, а кој предвидува оддалечување на објектите за игри на среќа на минимум 500 метри од образовните и верските институции не е решение туку само ја комплицира ситуацијата и дека на таков начин казината и обложувалниците повторно ќе бидат во близина на домовите.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *