Интервју со Драган Темелковски – Џони: Искрено верувам во љубов за цел живот!

 

22.XI.2017 година kamenica.mk

Позитивен, насмеан и полн со енергија. Шармантен и харизматичен. Отворен за разговор и комуникативен. Љубовта кон музиката се родила кога имал само 8 години и тоа благодарение на родителите кои уште од негови мали нозе го забележале талентот и му купиле синтисајзер, а потоа и хармоника. Откако завршил средно музичко училиште на отсек хармоника, сам, без ничија помош почнал со настапи и на свои 18 години ги заработил првите пари. Денес, по повеќе од 15 години поминати во дружба со микрофонот, Драган Темелковски кого пошироката јавност го знае како Џони важи за еден од најбараните, но и најдобро платени музичари на домашен терен.

Го носи епитетот крал на ноќниот живот, и тоа сосема оправдано со оглед на фактот што токму тој е задолжен за забавите во сите поголеми дискотеки во Македонија.

На неговите настапи, првите редови задолжително се резервирани за припадничките на понежниот пол, кои во буквална смисла на зборот “кубат” коси по него. Минимум три дена во неделата му се букирани, а кога не пее, слободното време го минува во друштво на семејството и пријателите. Ретко зборува за емоции, но не крие оти верува во љубов за цел живот и искрено се надева дека наскоро ќе се оствари како сопруг и татко.

Повеќе од 20 години активно се занимаваш со музика и убедливо си еден од најбараните пејачи на домашен терен. Иако поголемиот дел од колегите активно снимаат и продуцираат авторска музика, тоа не е случај со тебе, зад себе имаш само три сингла, и додека дел од нив едвај настапуваат еднаш месечно, тебе минимум три денови од неделата ти се букирани и пееш. На што се должи тоа?

– Со музика се занимавам од мојата осма година. Најпрвин родителите ми купија синтисајзер, па после тоа и хармоника. Средно музичко училиште завршив на отсекот хармоника, а од 18 години почнав да настапувам. Уште се сеќавам на почетоците кои воопшто не беа лесни, многу труд и работа имам вложено за да стасам до тука каде што сум денес. Сум почнал од нула и се сам сум направил. Од кога знам за себе, знам и за музиката. Не снимам затоа што сметам дека од вложување во авторска музика во Македонија не се добива некој голем фидбек. Имаме мал пазар, а домашна музика речиси и да не се слуша. На една рака можам да ги набројам пејачите кои направиле хитови и пеат нивна музика на настапи. А баран сум и настапувам низ сите поголеми дискотеките во Македонија затоа што го пеам она кое публиката сака да го чуе. Можеби приватно не ги слушам Аца Лукас и Цеца, но публиката ги сака нивните песни и јас затоа и ги пеам. Многу е важно да процениш што сака публиката и истото тоа да им го пружиш и дадеш. Нормално, тука е и интеракцијата, не можеш само да стоиш на бина и да пееш, треба да знаеш како да се поврзеш со публиката. Има некои кои звучат како Павароти и глава боли од нивното пеење, но едноставно немаат харизма и залудно им е се.

Поголемиот дел од домашната естрада се жали и тврди дека од музика во Македонија не се заработува доволно и не се живее солидно. Се согласуваш ли со нив, кое е твоето мислење?

– Не се согласувам, мене супер ми оди, живеам од и за музиката. За да заработиш, треба да се потрудиш, од кукање нема лезет и аир. Парите не се цел, туку се последица. Колку даваш, толку земаш и обратно. Не се жалам, настапувам низ цела Македонија, имам и повеќе од доволно настапи, но исто така не се споредувам ниту со другите. За жал, македонските музичари не се доволно ценети и почитувани како музичарите од овие простори, многу помалку се платени, па поради тоа и немаме естрада, ниту пак добри песни, барем не новокомпонирани. Затоа ни преостанува да пееме музика од балканските изведувачи ако сакаме да живееме од музицирање.

Чувствуваш ли љубомора некогаш од страна на колегите, не снимаш, не вложуваш во музика, а си најбаран. Како реагираат на тоа, слушаш ли зајадливи коментари од страна?

– Во принцип стојам по страна и не се оптоварувам со празни муабети и приказни. Љубомора секогаш имало и ќе има. Нивно е да си зборуваат, мое е да си работам. Интересно е само што цело време слушам од страна дека се зборува, а никој не се осудува да ми каже нешто во лице. На тие таквите на кои им пречи она што јас го работам имам да им порачам само едно, нека дојдат на мој настап, нека видат како се работи и нека научат нешто.

Каков е ноќниот живот во Македонија од твоја перспектива, знае ли да се забавува денешената младина?

– Не можам да кажам дека не знае, затоа што на моите настапи сите се весели, пеат со мене, расположени се и тоа ми е најважно.

Наоѓаш ли слободно време за себе што приватно те исполнува, што те прави среќен?

– Наоѓам, можеби не онолку колку што ми треба, но работата ми е таква, цело време сум на пат, тоа јас лично сум избрал да го работам и не е во ред да се жалам. Семејството ми е на прво место, се трудам колку што можам да минувам повеќе време со нив. Многу сум близок со брат ми Миле, со него се консултирам и разговарам апсолутно за се, исто така и работиме заедно со нешто што не е поврзано со музиката и тој е моја најголема поддршка во се. Со позитивна енергија ме исполнува времето поминато со внуците, Никола и Теодора. Тука се и другарите, за сите овие години работа стекнав многу вистински пријателства и секогаш сме тука едни за други, тие се моето второ семејство. Ме прави среќен кога знам дека најблиските ми се добро, дека се живи и здрави, тоа ми е најважно.

Веруваш ли во љубов за цел живот, сродна душа, љубовна приказна со среќен крај?

– Искрено верувам, знам дека вредностите се променети и не се како што било од времето на моите родители и тие генерации, но јас сум патријахално воспитан, верувам во бракот како институција и спремен сум да дадам се за онаа што вистински ја сакам и ме сака. Вистинската не ја барам, чекам таа да ме најде. Можеби веќе и ме нашла, а јас не сум свесен за тоа.

Јасмина Арсова

Извор: Вечер

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *