Интервју на Фокус со Бошко Стаменковски

Во изминативе четири години, речиси нема човек во земјава кој не слушнал за Бошко Стаменковски, шампионот во пауерлифтинг, кој од секое светско првенство или натпревар на Македонија и донесе злато или пак други вредни награди и признанија.

Тој е идол на многу млади спортисти, кои не ретко од него бараат совети како да ги обликуваат мускулите, со какви вежби и начин на исхрана да дојдат до посакуваните резултати, и која е формулата за успех, заслужна за континуираните високи резултати, кои Стаменковски ги постигнува на секое натпреварување.

Сепак, шампионот од Македонска Каменица, за ,,Фокус” открива дека тој не изгледал секогаш вака, и како со години наназад мачел мака со вишокот килограми. Пред десеттина години, дури не ни претпоставувал дека ќе доживее ваква трансформација, и како од млад човек кој имал проблеми со тежината, еден ден ќе стане светски шампион и човек кој ќе може да дава совети за правилно обликување на мускулите и одржување на добра физичка кондиција.

-Патот до успехот воопшто не беше лесен. Се започна спонтано, и на шега велам дека јас дури спонтано станав шампион. Се започна во 2000-та година, кога на мои 165 сантиметри дојдов до тежина од 98 килограми. Главната цел ми беше да ги намалам килограмите, и започнав со трчање. Ми беа потребни дури четири, пет месеци за да фатам кондиција. Почнав и со склекови, но едвај можев да направам по пет. Во Македонска Каменица во тоа време немаше теретана или фитнес клуб, па морав да се снаоѓам. Формиравме група од четворица, и започнавме да одиме во теретаните во Кочани, Виница и Делчево – раскажува Стаменковски.

Но, и по сите тренинзи, резултатите биле разочарувачки. Многу труд, но килограмите не се намалувале. Воден од идејата да го трансформира своето тело и да започне здрав живот, тој се советувал со истакнати спортисти, и направил свој режим на исхрана, според потребите и според висината и тежината. Вистинската преобразба започнала да му се случува од октомври 2013 година, и за околу шест месеци, до почетокот на мај 2014 година, тој комплетно го променил својот физички изглед. Во тој период започнал со подготовки за куп во бодибилдинг, и изгубил 22 килограми. Вели дека случајно се сретнал со луѓе во Јагодина, кои се занимавале со дигање на тегови. Така започнала целата приказна, го поканиле во Бела Паланка да си ја испроба силата, и на изненадување, тој бил најдобар и постигнал рекорд.

-Се случи да бидам најдобар во категорија до 75 килограми, но не се признаа рекордите бидејќи се работеше за турнир. Веќе наредната 2015 година направив четири Балкански рекорди и пласман за Европско првенство во Англија.Таму бев прв до 75 килограми, по што ме повикаа во Лас Вегас, на Светско првенство. И таму бев прв, најголемо достигнување како индивидуален спортист. Мојата спортска приказна започна да тече, во 2016 година започнав активно да возам велосипед, во бодибилдинг се натпреварував пет пати, во пауерлифтинг четири светски, четири европски и два светски купа, турнири низ Србија, Босна, Црна Гора – вели шампионот.

Тој не запрел тука, и постојано откривал нови интереси за одредени спортски дисциплини. Од минатата година започнал да се натпреварува и во стрит воркаут.

-На турнир во Скопје бев прв во склекови со голема предност. Во овој спорт нема категории. Во 2018 година во Куманово освоив високи места со тежини на разбој, на 1 септември во Пула, Хрватска бев прв во склекови. И сега во Србија на први ноември бев апсолутно најдобар во склекови, згибови и пропаѓања. Сега ми останува на 9-ти декември во Ајнховен, Холандија, еден од најголемите спортски спектакли во стрит воркаут или калистенис да покажам дали ќе бидам број еден во склекови. За една минута го поминувам светскиот рекорд кој е 91. Јас без 95 не сум – тврди Стаменковски.

Додава дека е свесен како неговата преобразба и успесите се интересни за народот, а на сите кои сакаат да ја доведат физичката кондиција и линија во ред, има открива кој е неговиот начин на исхрана.

-Имам спор метаболизам, и не јадам многу. Секое утро ритуал ми се пет варени јајца, односно само белките, и една жолчка со протеини, изолат и млеко. Попладне јадам риба или пилешки стек, понекогаш и телешко, пред тренинг. По тренингот на менито имам суво грозје или суви сливи и лешник или бадеми. Тренирам два пати на ден. Дома имам своја теретана, со справи за се. Вежбам секое утро, потоа одам на трчање. Вежбам и навечер во 20 часот, сега имаме бесплатен општински фитнес центар – појаснува шампионот, кој сега имал околу 70 килограми.

Вели дека се му се случило спонтано, но сепак бил пресреќен поради новите искуства и многубројните пријателства кои ги стекнал за време на првенствата. На почетниците и генерално на сите кои сакаат да ја намалат тежината и да ги зајакнат мускулите, им порачува да бидат упорни и да не очекуваат брзи резултати.

-Редовен тренинг, и да не се очекуваат брзи резултати, тие сами ќе си дојдат со редовни тренинзи, без откажувања. Важна е и правилната исхрана, во сооднос на потребите на спортистот, и секако во зависност од тоа за кој спорт се работи – раскажа Бошко.

Вики Клинчарова

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *