Има и такви: Судски извешител му плаќа кирија на семејство што го исфрлил од сопствениот стан

Судски извршител од Радом, централна Полска, по барање на судот, исфрлил една 60-годишна Полјакиња и нејзиниот 35-годишен син од станот во кој живееле.

Но подоцна дознал дека луѓево всушност се задолжиле за да платат за лечење – синот имал рак. Долговите ја надминале вредноста на станот, па така и го изгубиле станот.

Но, совеста не го оставила извршителов да замижи пред туѓата мака и да се теши дека тој е само инструмент. Наместо тоа, сам, на своја иницијатива, им изнајмил стан кој го плаќа со пари од свој џеб до ден денес. Ќе го плаќа, вели, сé додека градот не им додели општински покрив над глава.

 

„Ова е единствен ваков случај во Полска. Во нашиот центар дојде извршител со предлог на свој трошок да изнајми стан за мајката и синот кои пред неколку дена ги исфрлил на улица. Инсистираше во тој стан да останат сé додека не добијат општински, што може да потрае неколку месеци. Извршителот нé замоли да не го објавуваме неговото име, но морам да речам дека сум позитивно запрепастен од неговиот гест“, вели Влодимјеж Волски од локалниот Центар за кризни интервенции.

Гопоѓата, која била сопственик на станот, направила голема грешка со тоа што не доаѓала на судските расправи за случајот, па судот немал поим каква е нејзината семејна ситуација. Како резултат, предложил да бидат исфрлени од станот, и тоа без право на социјално сместување.

Извршителот не само што им нашол стан и го плаќа, туку гледал да биде и во близина на болницата во која се лечи синот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *