Известување за правила за движење за сите земјоделци кои не се евидентирани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства

Денес, 13 април 2020 година со почеток од 12 часот, се одржа состанок на Општинскиот Кризен штаб Македонска Каменица. На состанокот беше разгледана моменталната состојба во општина Македонска Каменица, степенот на почитување и спроведување на воведената забрана за движење на граѓаните поради појавата на новиот вирус Ковид – 19. Во согласност со најновите мерки на Владата на состанокот на Општинскиот Кризен шатб за заштита и спасување беа донесени следниве препораки и заклучоци:

ОКШ Македонска Каменица согласно известувањето од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство донесе одлука, сите земјоделци кои не се евидентирани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства (ЕРЗС), а кои имаат потреба за извршување на земјоделски и полски активности, се задолжуваат еден ден однапред најдоцна до 16 часот, телефонски да го известат Општинскиот кризен штаб Македонска Каменица каде ќе ја најават потребата од дневна земјоделска активност. При тоа треба да дефинираат точно време и движењето до место на извршување на земјоделските активности. (Согласно известувањето од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство Барањата за движење во време на забрана за движење на лица помлади од 18 и постари од 67 години ОКШ Македонска Каменица нема да ги разгледува и одобрува).

Неевидентираните чуватели на добиток, домашни миленици и пчелни семејства кои имаат потреба од дозвола за движење за време на воведената забрана, треба да се најават во ОКШ Македонска Каменица, каде точно ќе ги наведат потребата и местото за вршење активноста. Истите добиваат дозвола за движење во два периоди од денот:
– утрински од 08:00 до 10:00 часот;
– попладневен од  17:00 до 19:00 часот
(Согласно известувањето од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Барањата за движење во време на забрана за движење на лица помлади од 18 и постари од 67 години ОКШ Македонска Каменица нема да ги разгледува и одобрува).

Истиот начин на пријавување до ОКШ Македонска Каменица се однесува и за граѓаните кои имаат потреба од движење во време на забрана за движење по основ помагање и грижа за друго лице и слично.

Напомена: ОКШ Македонска Каменица нема да издава дозволи за движење, туку само ќе ги евидентираат земјоделците кои го пријавиле своето барање за непречено движење поради извршување земјоделски активности, а потоа списокот на лица ќе биде доставен до надлежните полициски организациски единици.

Сите лица од општина Македонска Каменица кои имаат поднесено Барање за движење поради горенаведените активности, должни се при секое тргнување и враќање за да го најават движењето до надлежните полициски огранизациски единици во Македонска Каменица на телефонскиот број 033 431 201.

Пријавување до ОКШ Македонска Каменица ќе се врши секој работен ден од 08:00 до 16:00 часот на телефонскиот број 070 786 000 кај лицето Горан Ристовски.

 

ОКШ Македонска Каменица ги уважува веќе поднесените Барања од економските оператори (аптеки, маркети, ресторани, такси…) од општина Македонска Каменица кои се регистрирани за вршење на телефонска и он-лајн достава за снабдување на граѓаните со најосновните продукти.
Во соработка со Министерството за внатрешни работи дополнително ќе биде утврден начинот и организирацијата на нивното движење и функционирање.

 

Сите Јавни установи, банки, супермаркети, трговски и други дуќани, аптеки, продавници и пиљари, согласно засилените мерки на заштита од Коронавирусот на Владата, во текот на работното време да обезбедат заштитни средства за сите вработени и преку засилени редарски служби да обезбедат влегување на граѓаните во деловните простории со прописно растојание и заштитни средства, согласно упатствата на СЗО.
Редарските служби да бидат посебно засилени на 17.04.2020 година, во петок – денот пред викенд забраната за движење на граѓаните и 21.04.2020 година – денот после забраната за движење. кога се очекува зголемено движење на граѓаните.

 

Старите и изнемоштени лица, хронично болните и лицата со посебни потреби да продолжат со нарачка за набавка и достава на прехранбени артикли и лекови преку Општинските мобилни тимови јавувајќи се на дежурните телефони во општина Македонска Каменица: 078 651 089; 071 377 841; 078 416 528; 078 218 706; 078 485 132 секој работен ден од 08 до 12 часот.

Во работните денови по 16 часот и преку викенд нарачките за набавка можат да ги прават и на дежурните телефони на регистрираните аптеки, ресторани и супермаркети.

 

Интензивно да се продолжи со перење и дезинфицирање на градските улици и јавни површини и редовно одржување на контролните пунктови за дезинфекција поставени на ддвата влеза во Македонска Каменица. За таа цел и подобро остварување на оваа задача да бидат ставени во функција сите расположливи средства и ресурси на ЈП „Камена Река“, ТППЕ и Просторните сили на општина Македонска Каменица.

 

Преку вонредни и засилени контроли на Пазарниот инспекторат и МВР во сите јавни објекти, маркети и аптеки да воведе строго регулирање на фрекфенцијата на клиенти. Истите се задолжуваат кон стриктно почитување на препораките за меѓусебно растојание и одредбите за контролиран влез, излез и престој на одреден број клиенти според големината на објектот.

 

ОКШ Македонска Каменица повторно им препорачува на локалните фризерници и салони за убавина на територијата на општина Македонска Каменица, поради опасност од ширење на заразата со Ковид 19, времено да престанат со обавување на дејноста до завршување на вонредната состојба во државата.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *