Земјоделци аплицирајте: Во тек е јавниот повик за набавка на системи за наводнување!

Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството потсетува дека е во тек јавен повик за набавка на системи за наводнување, за инвестиции во бунари и зафати на површински води.
Јавниот повик е отворен до 27 јануари 2022 година, до кога земјоделците ќе може да аплицираат за добивање на финансиска поддршка од Програмата за рурален развој преку мерката 121.4 „Набавка на систем капка по капка, конструкција на бунари и други зафати на површинска вода.
Од Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството чија една од задачите е навремено да ги информира земјоделците, посочуваат дека максималната сума која може да ја земе поединечно секое земјоделско стопанство за систем за наводнување е до 1.800.000 денари додека финансиската поддршка за инвестиции во бунари или зафати за површинска вода е до 364 илјади денари по корисник. Со овие средства може да се набават подземни и надземни системи за наводнување капка по капка, набавка на приклучна опрема (филтри, пумпи, цевки и спојни елементи), опрема за електрична инсталација за снабдување со струја вклучително и енергетска ефикасност, агрегати или генератори и придружна инсталациона опрема, софтвери за управување и контрола на системот за наводнување, градежни зафати за бунари, изработка на студии и елаборати.
Финансиската поддршка се исплаќа по принцип на кофинансирање на завршени и исплатени инвестиции од страна на корисникот а во висина 50 до 70 отсто од вредноста на одобрените и прифатливи трошоци за инвестиции. Еден барател може да поднесе само едно барање за една мерка или најмногу две барања за различни мерки од Програмата за рурален развој. Барателите не смеат да почнат со реализација на инвестицијата пред да потпишат договор со АФПЗРР, се нагласува во соопштението до земјоделците.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *