Здравствени работници ќе добиваат повисока плата за 5%

Со официјално потпишување на спогодбата меѓу Министерството за здравство и Синдикатот, во октомври над 19 000 здравствени работници ќе добијат поголема плата од 5 проценти. Средномедицинскиот кадар ќе има дополнителни 1500 денари а личниот доход на хирурзите од универзитетските клиники ќе биде зголемен за 4500 денари.

– Најголемата придобивка е исполнувањето на ветувањето на Владата за ова зголемување на платите, а најбитното за нас како Синдикат е што ова покачување се однесува за сите вработени во здравството. На преговарачката маса со Министерството за здравство се ставени веќе и корекциите на коефициентите на сестрите со средно образование и корекциите на коефициентите на лекарите специјалисти, изјави Љубиша Каранфиловски претседател на Самостојниот синдикат за здравство.

Од Синдикатот се задоволни што ова зголемување на платите е за сите вработени во здравствениот сектор. Револт има кај околу 1500 матични лекари кои не се опфатени со оваа одлука. Подобри услови за нив министерот Филипче најави за наредната година.

Во разговори сме со Фондот за здравствено осигурување на почетокот на наредната година да видиме за зголемување на капитациониот бод, вели Венко Филипче, министер за здравство.

Премиерот најави дека ова е само почеток од реализацијата на нивните ветувања за здравствениот сектор. Според Заев сега платата на специјалистите е околу 50 000, а нивниот таргет е 100 000 денари.

-Се надевам со Венко ќе успееме да го скршиме Тевдовски. Нашиот таргет е 100 000 денари. – Верувам дека тој таргет ќе го постигнеме. Впрочем убеден сум дека ќе го постигнеме. Моја желба е од 1 јануари да биде постигнат. Ако успееме тоа да го направиме би бил многу среќен, ако не согласно перформансите и парите кои ги имаме на располагање во буџетот, го правиме првиот чекор веројатно до 80.000 денари и веднаш на второ полугодие да стигнеме до 100.000 денари, изјави Заев.

И додека специјалистите стигнат до плата од 100 000 денари, наредниот период Филипче најави средба со Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари кои побараа плаќање на патни трошоци, субвенции за купување на дом како и платено породилно за сите лекарки кои добиле лиценца без разлика на работниот однос. Нивните предлози се во насока на подобрување на статусот на докторите како и спречување на миграцијата на медицинскиот кадар.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *