За 20% зголемен бројот на заболени од рак во Кочани за само една година

Алармантно, ракот коси во македонскиот Исток. Црната статистика од 162 починати од рак на 10 илјади жители, е нем сведок за брзиот прогрес на злокобната болест. Најчесто, причина за смртта кај мажите е канцерот на белите дробови, со 67%. Кај жените, најчест е ракот на дојка, кој во вкупниот број починати пациентки е застапен со 32,7%.

Смртноста од рак за период од 10 години е зголемена за 14%, аларм кој треба да ги загрижи и луѓето и институциите. Само во Центарот за јавно здравје во Кочани, за една година, бројот на новозаболени од рак пораснал за речиси 20%.

  • Во 2017 година имаме пријавено 1.205 заболени граѓани од рак, од кои новооткриени се 226, или 18,8 проценти од вкупниот број на пријавени, информира д-р Магдалена Манасиева, директор на ЦЈЗ Кочани.

Лидер во Македонија по смртност кај граѓаните од канцер е скопскиот регион со  стапка на морталитет од 351 лице на 10 илјади жители, следи пелагонискиот со 192 лица на 10 илјади жители, а неблагодарното трето место е на македонскиот Исток со веќе спомнатата стапка на морталитет.

Превентивноста освен со добро познатите услови, наметнува потреба и од изготовка на Регистар на заболени и починати од канцер на ниво на држава.

  • Недоволно студии се направени, и можеби тоа би требало во иднина да се прави, со цел да се поврзат податоците со смртноста со еколочките услови, земјоделието, начинот на производство и третирање на земјоделските производи во нивниот развој, објасни д-р Елена Ќосевска, Институт за јавно здравје на Македонија.

Годишно во Македонија умираат 20 илјади граѓани. Само ракот како причина за смртноста зема половина од оваа бројка. За периодот од десет години, поточно од 2006 до 2016, починатите од канцер се зголемил за 16 проценти, односно од 3.419 за 2006 до 3.882 починати лица за 2016 година. Експертите со црни прогнози на глобално ниво. Предвидуваат, до 2030 бројката на умрени од канцер да се искачи на 13 милиони жители.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *