Започна промовирањето на „Цревеникот“ како автентичен и традиционален специјалитет од Македонска Каменица

Македонска Каменица, 13.01.2019 година – Вчера, во организација на Здружението на пензионери од Македонска Каменица се одржа традиционалната манифестација организирана по повод Стара Нова година. На пензионерската забава, присуствуваа 260 пензионери од Македонска Каменица,а покрај градоначалничката Соња Стаменкова и претставници на општина Македонска Каменица, присуствуваа и бројни гости- пензионери од регионот.

Покрај забавниот дел, оваа година манифестацијата беше искористена за почеток на промовирање и обележување, односно брендирање на еден од многуте подзаборавени специјалитети автентични за каменичката трпеза. Станува збор на „Цревеник“ – баница подготвена на специфичен начин со црева од свиња, царевично (пченкарно) брашно и др.

Како што изјави претседателот на Здружението на пензионери, Видое Конески „оваа традиционална забавна програма организирана по повод Стара Нова година, покрај популарната „Бабина Баница“, е една од најзначајните манифестации во организација на Здружението во текот на година. Сакам да напоменам дека, одличната соработка со локалната самоуправа продолжува и оваа година, и на иницијатива на Општината, започнавме проект кој е белег на годинешнава манифестација, а тоа е  промоција на еден стар каменички специјалитет, баница со црева -„Цревеник“. Ме радува што, вечерва на забавата имаме над 260 присутни пензионери од Македонска Каменица и регионот. Се надевам дека оваа убава традиција ќе проолжи и во иднина“.

Градоначалничката на општина Македонска Каменица, Соња Стаменкова, ги поздрави присутните пензионери, им се заблагодари за залагањето, чувањето на вистинските вредностите, традицијата и посебностите на нашето поднебје. На активно вклучените жени- пензионери Данка Миланова, Спасена Стојковска, Зага Костадиновкса, Добринка Стојчевска и Нада Ристова им врачи Благодарници за нивниот придонес во промоцијата и доброволниот ангажман околу подгототвувањето на специјалитетот.

Иницијативата за промоција на „Цревеникот“ како специјалтет кој денес се подготвува во целиот регион, ја има општина Македонска Каменица. Идејата се роди минатата година, во подготовките за традиционалната „Бабина Баница“ која е во организација Здружението на пензионери. „Ме радува фактот, што од идеја за промоција на „Цревеникот“ веќе прераснува во реалност. Ние како Општина и како граѓани на Македонска Каменица ќе продолжиме кон промоцијата на сите посебности и одлики кои ги има нашето поднебје, богато со фолклор, традиција и култура“. – изјави на kamenica.mk, Соња Стаменкова, градончалник на општина Македонска Каменица.

Во подготовка е и видео материјал од специфичниот начин на подготовка на овој специјалитет, кој ќе биде искористен за национална промоција на „Цревеникот“ како дел од каменичката трпеза во минатото и денес. Се надеваме дека овој пристап на промоција на традиционалните вредности, автентични и карактеристични за каменичкиот крај ќе допринесе, „Цревеникот“ во скора иднина да се најде и во менито од рестораните во Македонска Каменица.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *