Живот: Нè избркавте од Македонија, а нè малтретирате и кога доаѓаме на неколку дена!

Билјана Спасеска Георгиевска
текстот е преземен од facebook профилот на авторката
Нè избркавте од Македонија, а нè малтретирате и кога доаѓаме на неколку дена!

На скопскиот аеродром, пред неколку вечери, околу полноќ…

Млада девојка му го подаде својот пасош на полицаецот при влез во Македонија. А тој: македонски пасош? (Се разбира, не рече „ве молам“)
Девојката: Немам.
Џандарот (со фаца на лично и професионално повреден): Како тоа немате?
Девојката: Имам државјанство, но немам пасош! Не сакам да имам…
Пак тој: Па знаете, не смее македонски државјанин да влезе во земјава без македонски пасош, може казна… бла, бла…
Девојката: Господине, видете, имам валиден пасош (странски).
Тој: Тогаш ќе треба во рок од 48 часа да се пријавите во полиција.
Девојката: Ќе се пријавам… и си замина.

Следната патничка беше исто така млада девојка, која за рака се држеше со едно момче, меѓу себе зборуваа на англиски.
Истиот полицаец: Македонски пасош?
Девојката: Не го носам.
Тој: Така, дома си го чувате?
Девојката: Па, не ми треба.
Полицајот: Знаете, не смее македонски државјанин, и бла и бла…
Таа: Видете, доаѓам дома, на кратко, нема потреба да ме гњавите.
Тој: Но казна…
Девојкката: Господине, да сакав да имам македонски пасош немаше да си заминам од земјава засекогаш! Имам валиден странски пасош (си го повлече од шалтерот и тргна кон салата за багаж) додека зад неа се слушаше… не смее, казна, пријава, полиција…

Третата патничка ја познавам лично, сестра е на еден мој пријател, со децении живее во Австралија. Гневна но спремна се соочи со полицаецот, затоа што не ѝ е првпат:
Таа: јас сум Австралијка, со австралиски пасош.
Тој: А македонски, немате?
Таа: Немам, не сакам да имам и сигурна сум дека не ми треба. Имам писмо од австралискиот конзулат во Белград во кое се замолуваат македонските власти да ми овозможат непречен влез во Македонија ( вади писмо).
Тој: Нооо, не може, бла, бла …
Таа: Видете, до кога ова истово… НÈ ИЗБРКАВТЕ ОД МАКЕДОНИЈА и згора на сè постојано нè малтретирате, дури и кога доаѓаме само на неколку дена за да си ги видиме родителите. Знам дека за одмазда сега вашите колеги ќе ме царинат за некоја ситница во багажот, ама ОК, сум го поминала тоа!!!

Ако останев малку подолго покрај шалтерот, којзнае уште колку пати ќе го слушнев истиот дијалог. Ми се чини дека полицаецот сè почесто ќе го повторува својот рефрен, а иселените од земјава сè поретко ќе прават напор, во таа турканица пред шалтерот, да извадат од некој џеб македонски пасош. Доволно маки поминуваат за да го стекнат странскиот, некои фиктивно се мажат/женат па со години живеат под стрес да не им заѕвони офицер за имигранти среде ноќ, други се принудени да работат на црно, да живеат на црно и да се плашат на секое излегување, додека не исполнат некој услов за стекнување пасош, трети „се прават Бугари“ при здрав разум и зрели години…

Една мајка, пред неколку години, ме наведе на прекршок. Ми испрати пакетче за син ѝ, кој заминал во странство. Не ја познавав добро, но ми беше жал да ја одбијам, беше тажна и многу сиромашна, но сепак издвоила малку за да му прати поздрав. Таму, далеку, го побарав момчето и му кажав да дојде да си го земе пакетчето. Рече ОК, но никогаш не се појави. Ниту одговори на моите повторени повици… Кога по неколку месеци решив да отворам и да видам што има во пакетчето, солзи ми навреа ,но и лутина ме фати во исто време. Мајката имаше пратено пар чорапи, писмо и МАКЕДОНСКИ ПАСОШ, за да ѝ се врати дома! А тој не сакаше ни да го земе…

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слика: Небојша Гелевски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *