До крајот на неделата 100.000 домашни платежни картички ќе бидат дистрибуирани до корисниците

До крајот на неделата се очекува да се дистрибуираат околу 100.000 картички од банките до корисниците на домашните платежни картички, а веќе 10.000 граѓани ги имаат добиено картичките и можат да ги користат, рече на гостувањето во „Утрински брифинг“ министерката за финансии, Нина Ангеловска.

„Нов податок што го имаме од утринава е дека до крајот на неделата се очекува да бидат дистрибуирани 100 илјади картички, тоа е околу една третина, нешто помалку, помеѓу една четвртина и една третина од вкупниот број граѓани ќе ги добијат картичките. Десет илјади граѓани  ги имаат добиено картичките и веќе можат да плаќаат и да купуваат со нив. Бидејќи најголемиот број од картичките се кај три од поголемите банки коишто ги дистрибуираат, ова покажува дека до крајот на неделата се очекува околу 100 илјади картички да бидат дистрибуирани кај граѓаните. Секој ден интензивно се доставуваат, дистрибуираат и подигнуваат платежните картички” – вели Ангеловска.

„За време на викендот е одговорено на над 1.000 граѓани кои поднеле приговори. Се работи за дистрибуирани мејлови до соодветните институции, дали е тоа Министерство за образование, дали е тоа Министерство за труд и социјална политика… со цел да ги проверат по матичен број и да се увиди дали се работи за техничка грешка и испуштање или се работи за поднесен приговор а лицето можеби не ги исполнува условите согласно уредбата. Сите што треба да добијат платежна картичка и поднеле приговор, ќе ја добијат истата, а на останатите ќе им биде одговорено, но треба да имаме предвид дека процесот ќе потрае со оглед на големиот број мејлови” – рече Ангеловска.

Во однос на барањето на пасивните баратели на работа, министерката посочи дека ова е обемна мерка и дека се однесува на активните баратели на работа кои сакаат да бидат вработени.  Лицата што не бараат работа преку Агенцијата можеби работат хонорарно и не соодветствуваат на таргетираната категорија.

„Лимитот е поставен на одредено ниво и се работи за обемна бројка од 120 илјади. Тука да не заборавиме да напомниме дека Претседателот на Владата ги презентираше мерките и токму овој критериум беше посочен на 17 мај, па така 5.000 нови лица коишто не биле пријавени како активни баратели се пријавија до 22 мај, до соодветниот рок. И тие лица влегоа во листата. Значи имаше и соодветен период во којшто лицата што бараат работа можеа да се пријават во Агенцијата за вработување” – рече Ангеловска.

Ангеловска посочи дека со овие мерки, преку граѓаните,  се стимулираат стопанството и економијата и се очекува со помош на овие средства да се амортизира ударот врз економијата, без оглед дали станува збор за домашните платежни картички, или 20-те милиони евра што ќе се дадат за поддршка на конкурентноста и инвестициите на компаниите во индустријата и производството, дали е тоа преку кофинансирање ИТ обуки преку Министерството за образование и наука, најновите програми. Сѐ е дизајнирано на тој начин да се ублажат последиците врз економијата, заклучува Ангеловска.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *