Доктор од Кочани – најдобар хирург во Хрватска

 

Дарко Крстов e роден 1973 година во Кочани. Медицински факултет завршил во Скопје, специјализација во Воена болница и Клинички центар Скопје.

Толку човечност, великодушност и емпатија спрема пациент одамна немам видено. Ме оперираше и мене и моите двајца браќа, душа од човек. Многу ви благодарам докторе. Навистина ја оправдавте титулата најдобар хирург на Хрватска, вели Анита Марушиќ за д-р Дарко Крстов, од Општата болница во Дубровник, кој е избран за најдобар хирург во Хрватска.

Изборот за најдоктор во Хрватска веќе петта година го спроведува порталот najdoktor.com, кој ги избира најдобрите доктори во земјата врз основа на неколку критериуми, меѓу кои вкупен број коментари, односот на бројот на позитивни и негативни коментари, како и квалитетот на самите коментари (неаргументираните коментари не се земаат предвид).

– Доктор Крстов е непроценлив во нашата дубровничка болница. Секогаш со добра волја и добар пристап спрема пациентот. Иако извршува тешка и одговорна работа, секогаш е подготвен за пациентите – гласи коментарот на Ина Сутиќ од Дубровник.

Нејзината сограѓанка Ана Марија оставила коментар на порталот во кој истакнува дека д-р Крстов е прекрасен човек и доктор. – Овој доктор не прави разлика кај пациентите во однос на возраст, потекло, статус или која било друга карактеристика. Кон секого пристапува како кон човек чиј живот е непроценлив и ќе направи се што е во негова моќ да помогне. Тој е прекрасен хирург, пишува Ана Марија.

И Дубровчанката Зринка споделува искуство за хирургот Крстов преку медицинскиот портал, каде наведува дека неговото знаење, стручност и организација се на завидно ниво.

– Општата болница во Дубровник треба да биде горда што во своите редови има прекрасен хирург како што е Дарко Крстов. Тоа што посебно го ценам, а верувам и други пациенти, е неговата близина со пациентите која влева оптимизам при секоја средба. Најмалку што можам да направам е да му кажам благодарам за докторот кој се нафати да лекува пациент со тешка дијагноза во 85. година од животот. По две тешки операции, нашиот вујко успешно заздравува. Големо благодарам докторе Крстов – истакнува Зринка.

Дарко Крстов e кочанец, роден 1973 година, сопруг на Александра и татко на Ана. Медицински факултет завршил во Скопје, специјализација во Воена болница и Клинички центар Скопје.

Пред да се вработи во Општата болница во Дубровник, искуството го стекнувал во Воената болница во Скопје, во Прва хируршка клиника во Белград, во приватна општа болница во Тетово и во Клиничкиот центар во Риека.

– Оценувањето на лекарите во Хрватска е пракса и тоа може да го направи секој пациент преку порталите кои се достапни. Овде не игра улога само оперативната интервенција, туку и тоа како е примен пациентот (љубезноста), постоперативната нега (грижата околу пациентот), како и достапноста и одговорноста околу пациентот –  вели за МИА д-р Крстов, истакнувајќи дека сите овие карактеристики, но пред се совеста и професионалноста спрема пациените имаат свој фидбек.

Д-р Дарко Крстов смета дека државата може да ги спречи лекарите да заминуваат па дури и да се вратат тие што ја напуштиле земјата само ако доколку малку им се подобри стандардот.

Министерот за финансии на Хрватска, Здравко Мариќ најави дека во 2018 година здравствениот систем ќе биде еден од приоритетите на Владата.

Извор: ПлусИнфо

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *