Ден потоа! Што ни останува зад клишето на давање цвеќиња и подароци?

Некои помпезно, некои скромно, други со полни раце подароци и цвеќиња, трети обесправени не помалку од вчера, заборавени, тивки, а сосема десетти сеуште под импресии од блиските или далечни ескурзии. Кафеаните здивнаа, исто и продавачите кои тријат раце и го пребројуваат профитот. Помина и фамозниот празник на жената. Но што остана зад клишето од цвеќиња и подароци?!

Комерцијализацијата на празнувањето преку осмислено или наметнато сценарио за краткотрајно  внимание ги оддалечи вистинските традиционални вредности, па така љубовта, почитта, искреноста, благодарноста добиваат се почесто  финансиско упориште во празниците, а вистинскиот систем на вредности се менува со лажен. Која е потребата?

Ако сакате нешто да биде кажано, прашајте маж, а ако сакате нешто да биде направено, прашајте жена – вака го почнува своето видување професорката Елизабета Секирарска која долги години работи како професор во средното училиште “Перо Наков” во Куманово. Образованието според неа е базата од која се црпат сите животни мудрости и навики. Во општествено-политичките кругови  вели  сеуште застапеноста на жените е само прокламативна бројка и статистика за задоволување на законските прописи кои покажуваат една  реална слика за општеството како сеуште  маскулинистички свет.

Ден по празникот проблемите остануваат исти, комуникацијата е се потешка, хипокризијата и лажните вредности го продлабочуваат јазот. Па така, како никогаш досега се дарува без љубов, се прима без радост, се занемарува битното историско значење и логиката на овој ден, со тоа што се заменува со ден за женски ескурзии, славења на жени низ рестораните и  шопинг тури во соседството, наместо организирање на други осмислени активности во правец на потсетување на фактот дека се уште има потреба од борба на жената за права кои би требало да се подразбирливи во  21-ви век.

“Дотолку повеќе што  жената е жртва на семејно насилство, жената е со загрозени права, жената е дискриминирана на работното место во кое работи во лоши услови за ниска плата, жената не е доволно чуена и не е во состојба да се етаблира во системот онака како заслужува. Мeѓународниот ден на жената,  е етаблиран многу време во календарот на празници и се одбележува во слава на будењето на револтот на жените и нивната борба за рамноправност со мажите по сите основи – економска, политичка и социјална. Овој ден, според мене, треба да биде вистински ден на Жената, без клишето на цвеќиња и подароци кои сепак, во време на изгубени вредности по сите основи, се одраз на хипокризија”- смета професорката Секирарска.

Почитта како што вели не смее да биде инстант категорија која се употребува наменски и на краток рок, туку треба да е искрен императив во однесувањето кон сопруга, мајка, колешка, пријателка, како модел на секојдневно владеење кон жената од страна на нејзиното окружување.

“Во тој контекст, колку и подарувањето да е убав чин, а секако дека е,  треба да биде во функција на покажување внимание и вон клишето на еднодневниот третман на разубавување на женското секојдневие.Најубав подарок ми се секогаш рацете на моите деца кога ме гушкаат, на моите ученици за кои знам дека тоа искрено го прават, прегратката на сопругот. Не постои подарок кој има поголема вредност од искреноста и почитта сфатена како модел на однесување.  Секој ден. Цел живот”-објаснува професорката.

За пример и восхит ги истакнува трите јавни обвинителки од СЈО кои вели внесоа здив во битисувањето на жената и покажаа дека борбата за правда и исправност сепак е по пол жена. Нивната истрајност, храброст и посветеност на она што го прават и за што се залагаат според неа е олицетворение на цврстина и упорност.

“За мене се модели на жени кои знаат кои се и за што се борат. Впрочем, не случајно е кажано дека најбрзиот начин да промените општество е да ги мобилизирате жените од целиот свет”- вели Секирарска.

Иако декларативно и во рамките на законските одредби, жените имаат соодветна застапеност во општествено-политичкиот живот кај нас, смета дека се уште живееме во светот на мажите. Според статистиката, 75% од раководните позиции, ги држат мажите. На жената и треба многу повеќе напор да се етаблира и докаже во однос на мажите. Ако на жената и треба ден кој ќе го празнува во името на борбата за свои права – економски, политички, општествени и социјални, тогаш нештата доволно кажуваат и стануваат појасни.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *