Делчево ќе добие чиста вода за пиење со швајцарска поддршка

Скопје, 16 март 2018 – Министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураки, градоначалникот на општина Делчево Горан Трајковски, амбасадорката на Швајцарија Сибил Сутер Техада и директорката на ЈПКД Брегалница Розета Цонева денеска потпишаа Договор за реализација на проектот за Водоснабдување на Делчево.

Проектот чини 7,3 милиони швајцарски франци, од кои шест милиони е директната поддршка на Швајцарија, додека учеството на македонската Влада преку Министерството за животна средина, како и на општина Делчево е 1,3 милиони швајцарски франци.

Проектот ќе се реализира во наредните 3,5 години.

– Целта на проектот е на жителите на Делчево да им се обезбеди чиста вода за пиење со што ќе се подобрат и условите за живеење. Ќе се подобри квалитетот на водата од реката Брегалница, и ќе се придонесе кон економскиот развој на регионот. Проектот исто така ќе и помогне на Македонија да одговори на директивите на ЕУ за прочистување на водата за пиење, рече Дураки.

Посочи дека проектот се состои од неколку компоненти – изградба на пречистителна станица за вода, продолжување на мрежата за водоснабдување до селата Ѕвегор и Габрово, како и инсталација на два капацитети за производство на обновлива енергија.  Дураки исто така рече дека во фаза на подготовка е база на податоци за сите општини кои немаат пристап до чиста вода за пиење, како и канализациска мрежа.

На новинарско прашање колку општини во Македонија се уште немаат пристап до чиста вода за пиење, Дураки рече дека во фаза е подготовка на база на податоци

Амбасадорката Техада истакна дека проектот се однесува на изградба на филтер станица што ќе обезбеди добар квалитет на водата за пиење на жителите на Делчево, и ќе придонесе за зајакнување на институционалните капацитети на ЈП „Брегалница“, и ќе му помогне да се трансформира во модерно и одржливо јавно претпријатие, што е важно за заштитување на водата како ресурс.

– Свесни сме за значењето на водата како ресурс неопходен за опстанок на целокупниот живот на планетата, состојбата каде што имаме загадување на водата предизвикана од човечкиот фактор, неконтролирано и неефикасно искористување на водата, зголемената изложеност на екстремните хидролошки услови кои се резултат на климатските промени, бараат од сите нас да ја промениме свеста за да го зачуваме овој вреден ресурс, рече Техада.

Трајковски се заблагодари за финансиската поддршка на швајцарската Влада за проектот, посочувајќи дека ова е првпат проект од ваков вид да се реализира во Делчево со чија помош неговите жители конечно ќе пијат чиста и квалитетна вода за пиење и е директно насочен кон зачувување на здравјето на жителите на општината.

Финансиската поддршка на швајцарската Влада за овој проект е преку Државниот секретаријат за економски работи на Швајцарија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *