Граѓаните на ЕУ им дадоа нова шанса на проевропските сили

Фото: ЕПА

Борјан Јовановски известува од Брисел

Европските избори завршија без драматични промени во структурата на Европскиот парламент. Најавите за екстремистичкото и евроскептичното цунами не се остварија. И покрај успехот на овие анти ЕУ партии во Италија и Франција, екстречната десница и евроскептиците нема да имаат повеќе од една четвртина мандати во новиот состав на ЕП.

Сепак, зголемувањето на бројот на овие политички структури би требало да биде јасен сигнал до традиционалните партии дека граѓаните на ЕУ очекуваат поефикасни европски институции.

Она што е голема вест е излезноста од над 50 проценти на гласачите која ги надмина очекувањата и воедно влеа надеж дека ЕУ се уште им е важна на граѓаните.

Овој голем пораст на излезноста во споредба со претходните европски изборни процеси е еден од факторите кои ја спасија ЕУ од поголем успех на екстремните партии.

Резулатите од овие избори ги казнија децениски водечките партии какви што се Европската народна и Европските социјалисти – и едните и другите во новиот состав на ЕП ќе имаат помалку места, иако и понатаму ги држат првите две места по бројност.

Сепак, нивната децениска комоција, да имаат мнозинство кое им овозможува да решаваат се со меѓусебен договор, веќе не постои.

Голем успех и значително зголемување на мандатите бележат Европските либерали и Зелените. Овие две проевропски групации заедно добија речиси 70 мандати повеќе во новиот состав или онолку колку што изгубија ЕПП и Социјалистите.

Фото: Би-Би-Си

 

Се на се, проевропските партии освоија добри три четвртини во новиот состав на ЕП.

Со оглед на новиот пејсаж во ЕП, новите функции на челните позиции во европските институции какви што се Европскиот совет, Европската комисија и Европскиот Парламент, водечките партии како ЕПП и Социјалистите ќе мора да ги договараат во тесна сорабока со Либералите и Зелените.

Таканаречените шпиц кандидати за функцијата претседател на Европската комисија, Германецот Вебер од ЕП и Холанѓанецот Тимерманс од Социјалистите и демократите по објавувањето на резултатите, го признаа поразот поради намалување на бројот на нивните мандати и најавија дека е потребен силен договор со останатите проевропски сили околу иднината на Европа и потребата да се најдат вистинските одговори за предизвиците пред кои е исправен континентот на турбулентата и неизвесна глобална сцена.

Утре, прва средба на лидерите на ЕУ по изборите

Шефовите на држави и влади на земјите членки на ЕУ веќе во вторник ќе се соберат на неформална вечера во Брисел, на која ќе се разговара за тоа кои би можеле да бидат новите лидери на клучните европски институции.

За нас е важно што ЕП и понатаму ќе остане да го поддржува проширувањето и се разбира, последниот голем залак на овој процес каков што е Западниот Балкан.

В среда ќе биде објавен извештајот за напредокот на земјите од овој регион. Во него се очекува препорака за старт на преговори за членство за нас, но првиот тест за новото расположение на ЕУ во однос на проширувањето, ќе се види кон крајот на јуни кога е закажана седницата на Европскиот совет на кој ќе се разговара за предлогот на ЕК , Македонија да ги отпочне преговорите за членство.

Според дипломатски извори, македонско грчкиот успех со Преспанскиот договор мора да биде валоризиран, за ЕУ да го задржи својот кредибилитет во регионот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *