Во училиште во Аеродром ученици фрлиле соученичка низ прозорец

Четири малолетни ученици за време на малиот одмор ја фатиле за нозе нивната 14-годишна соученичка, го отвориле прозорецот што се наоѓал на приземје и ја фрлиле на земја. Девојчето се здобило со телесни повреди, а настанот кој се случил во основно училиште во населбата Аеродром, во полициска станица го пријавил нејзиниот родител. За жал ова е само едно од низата насилни сценарија во основните и средни училишта, кои покажуваат дека аларматни податоците за насилство меѓу врсниците.

„Во периодот од 10:30 до 11:00 часот во основно училиште во населбата Аеродром, за време на малиот одмор, четири малолетници ученици во училиштето фатиле за нозе и раце нивна 14-годишна соученичка, го отвориле прозорецот од училницата што се наоѓа на приземје и ја фрлиле на земја. Девојчето се здобило со телесни повреди, се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот. Настанот се случил на 28 септември“ – се вели во официјалното соопштение за настанот.

Директорот на училиштето за Телевизија 24 изјави дека една детска игра се претворила во немил настан и дека станува збор за примерни ученици. Четири деца добиле казнена педагошка мерка, намалено поведение, а целиот клас добил усна опомена. Инаку за Телевизија 24, една мајка детално го опиша целиот настан.

„Неколку ден по ред ја играа оваа игра, четворица момчиња ги фаќале девојчињата за раце и нозе и ги фрлале низ прозор. Другите девојчиња некако успеале да се дочекаат на нозе, но најмалово паднало некако на грб. На девојчето му е повреден грбот, имало девојче што го помагало фрлањето, а едно снимало со мобилен. Едно дете од класот ја пријавило играта кај наставниците, па така се спасиле другите деца“ – вели мајката.

Според анализите на УНИЦЕФ, 42 отсто од машките и девојчињата на возраст од тринаесет до петнаесет години изјавиле дека биле малтретирани на училиште или дека биле вклучени во физичка пресметка.

„Насилството меѓу врсниците се случува секојдневно, дури 42 отсто од машките и девојчињата на возраст од тринаесет до петнаесет години изјавиле дека биле малтретирани на училиште или дека биле вклучени во физичка пресметка. Насилство се случува и на интернет, каде сторителите остануваат анонимни, но последиците се разорни“- велат од УНИЦЕФ.

Јавноста беше шокирана и за насилството во Неготино кога малолетнички брутално ја претепаа и влечеа за коса нивната соученичка. Просветниот инспекторат констатира пропусти кај наставниците од неготинското училиште, а кривична пријава доби и вработен во агенцијата која го обезбедувал училиштето, бидејќи не го спречил дивеењето на малолетничките.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *