ВО ПОЖАР ВО КУЌА ВО ОРИЗАРИ НАСТРАДА ПОВОЗРАСНА ЖЕНА

ВО ПОЖАР ВО КУЌА ВО ОРИЗАРИ НАСТРАДА ПОВОЗРАСНА ЖЕНА

07.03.2023 – Во пожар што претпладнево избувна во семејна куќа во населбата Оризари настрада повозрасна жена, а објектот е целосно оштетен.

Пожарникарите од Територијалната противпожарна единица од Кочани, веднаш по дојавата за огнот пристигнале на местото и почнале интервенција за гаснење со три возила и петмина пожарникари.

-Нешто пред 10 часот добивме повик за пожар на куќа на улицата „Љупчо Сантов“ во Оризари и излеговме на терен. При интервенцијата беше констатирано дека има починато едно женско лице на 79-годишна возраст, со изгореници на дел од телото. Со повреди се здоби и еден наш пожарникар. По нешто повеќе од два часа огнот беше изгаснат, а во интервенцијата ни помогнаа и жители на населбата, истакна Драган Апостолов, командир на ТППЕ – Кочани.

Увид на местото на настанот направија полициски службеници од ОВР – Кочани и јавен обвинител.

Според првичните сознанија пожарот избувнал поради неисправен оџак, а жената најверојатно починала како последица од задушување со чад.

Пишува за КаналОсум, Т. Ајтовски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *