Вонредна прихрана на дивечот во ловиштата во Македонска Каменица

Покрај редовните законски одредени денови за прихрана на дивеч во зимскиот период што го спроведоа во декември и јануари Ловното друштво „Македонска Каменица – Саса“, во изминатиот период спроведе нови вонредни акции за прихрана на дивеч во планинските предели на селата Луковица, Костиндол, Вратиславци и Драмче. Прихраната, како што информира Гоце Стоиловски, претседател на каменичкото ловно друштво, се врши најмногу поради сушниот период што го зафати регионот.

– Како концесионери на ловиштето „Вратиславци“ што е со големина од околу 6.000 хектари, во изминатиот период спроведовме вонредни акции за прихрана на дивечот. Прихраната ја вршевме преку достава на вода во калишта и поилки на неколку локации во горе споменатите села. Невообичаено сушниот период е причината за овие вонредни акции што ги спроведовме од една едноставна причина, а тоа е недостигот на храна во природата. Поради сушата и доцнењето на вегетацијата, посадивме и неколку костени, што исто така ќе бидат извор на храна за понатаму, информира Стоиловски.

Додава дека ставањето сол е исто така дел од прихраната што ја врши ловочуварската служба.

Ловното друштво „Македонска Каменица – Саса“ брои околу 80 членови, а ловиштето „Вратиславци“ е честа мета на гости ловџии од Скопје. Минатата година за прв пат на ловиштето во Македонска Каменица, заедно со ловџии од Германија се организираше лов на волци.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *