Возачите што превезуваат патници мора да се наспани, да прават паузи и да бидат барем двајца во автобус

Возачите мора да се наспани и да прават паузи

МАКЕДОНИЈА

Ние како асоцијација постојано апелираме да се почитува правилникот односно да има по двајца возачи во автобус на вакви патувања, вели Горан Трпковски, претседател на Исток

Возачите кои превезуваат патници, треба да имаат непрекинат период на одмор од најмалку 11 часа, налагаат правилата за учество во меѓународниот сообраќај. Освен тоа, основен документ кој секоја компанија за превоз мора задолжително да го поседува е лиценцата за меѓународен превоз на патници, а секој возач кој врши меѓународен превоз, задолжително мора да има Сертификат за учество на возачите во меѓународниот превоз.

Иако не се знае со сигурност дали причина за несреќата кај Велес е тоа што возачот заспал, „Newsroom.mk”, заедно со Асоцијацијата Исток, потсетува на правилата кои важат за сите возачи и компании за превоз.

МОРА ДА СЕ ОДМОРА

Секој возач мора да го почитува Законот за работното време, задолжителните одмори на мобилните работници и возачите во патниот сообраќај и уредите за запишување во патниот сообраќај.  
Правилата налагаат дневното време на управување со возило да не биде подолго од девет часа. По исклучок, дневното време на управување со возило може да биде продолжено на најмногу десет часа, но не повеќе од двапати неделно.
„Неделното време на управување со возило не смее да биде подолго од 56 часа и не смее да го надмине максималното неделно работно време. Вкупното време на управување со возило во текот на кои било две последователни недели не смее да биде подолго од 90 часа. Дневното и неделното време на управување со возилото ги вклучува сите периоди на возење во и надвор од територијата на Македонија. Возачот е должен да ги евидентира другите работни задачи, како и времето поминато во управувањето со возилото кое се користи за јавен превоз, а врз кое не се применува овој закон. Возачот е должен да го евидентира периодот на достапност од последниот дневен или неделен период за одмор”, стои во законот.
ТОЧНО СЕ ЗНАЕ КОЛКУ ВОЗАЧОТ ИЗВОЗЕЛ
Евиденцијата се води рачно на тахографските листови, исписи или со користење на опциите за рачно внесување во дигиталниот тахограф.
„Кога возачот управува возило што е опремено со аналоген тахограф, по барање на органите за надзор, мора за тековниот ден и претходните 28 дена да покаже: тахографски листови, рачно извршена евиденција, исписи од тахограф и картичка на возачот доколку ја поседува. Кога возачот управува возило што е опремено со дигитален тахограф, на барање на органите за надзор, мора да ја покаже својата возачка картичка, тахографски листови, рачно извршени записи и исписи за тековниот ден и претходните 28 дена”, велат во асоцијацијата Исток.
Во законот стои дека по дефиниција “дневен одмор“ е период од денот во кој возачот може слободно да располага со своето време, а вклучува „редовен дневен одмор“ и „скратен дневен одмор“. Редовен дневен одмор е непрекинат период на одмор од најмалку 11 часа или кога се користи во два дела од 12 часа, од кои првиот дел од одморот мора да трае непрекинато најмалку 3 часа, а вториот непрекинато најмалку 9 часа и
– скратен дневен одмор е непрекинат период на одмор помал од 11 часа, но не помал од 9 часа.
“Дневно време на управување со возило“ е вкупното време на управување со возило меѓу крајот на еден дневен одмор и почетокот на следниот дневен одмор или меѓу дневниот одмор и неделниот одмор, како и меѓу неделниот одмор и дневниот одмор.
ПАУЗА ПО 4,5 ЧАСА ВОЗЕЊЕ 
 
Откако ќе поминат 4,5 часа возење, возачот е должен да го прекине управувањето со возило од најмалку 45 минути, освен ако го користи периодот за одмор.
Прекинот на управување со возило од ставот 1 на овој член може да се замени со првиот прекин на управување со возилото од најмалку 15 минути, при што следува друг прекин на управување со возило од најмалку 30 минути од кои секој е распореден во текот на период од управување со возилото.

Во периодот на секои 24 часа, по дневниот или неделниот одмор, возачите мора да имаат нов дневен одмор. Ако дневниот одмор во рамките од 24 часа трае најмалку девет часа, но помалку од 11 часа се смета за скратен дневен одмор. Дневениот одмор може да се продолжи до редовен неделен одмор или скратен неделен одмор. Возачот може да има најмногу три скратени дневни одмори меѓу кои било два неделни одмори.
Неискористениот дел од неделниот одмор возачот е должен да го искористи најдоцна до крајот на третата недела од неделата кога го користел скратениот неделен одмор. Неделниот одмор започнува најдоцна по истек на шест 24-часовни периоди од крајот на претходниот неделен одмор.

ТРЕБА ДА ИМА ДВАЈЦА ШОФЕРИ

Ние како асоцијација постојано апелираме да се почитува правилникот односно да има по двајца возачи во автобус на вакви патувања, вели Горан Трпковски, претседател на Исток.

„Има многу несовесни возачи. Се случува некој да купи автобус за да прави бизнис. Сето тоа е во ред, но си има правила кои треба да се почитуваат. За тоа, дали се спроведува законот кај нас, контролира Државниот инспекторат за транспорт, како и Министерството за внатрешни работи”, вели Трпковски.

Во сообраќајната несреќа која се случи вчера. Загина 68-годишна жена, 27 патници беа повредени меѓу кои и деветгодишно дете кое за влакно ќе ја загубеше едната рака.

Основното јавно обвинителство во Велес работи на утврдување на причините за несреќата. По наредба на јавниот обвинител, од возачот на автобусот е земен примерок на крв за анализа, а започнато е и прибирање на трагите пронајдени на лице место. Оттаму посочуваат дека се врши и вонреден трехнички преглед на возилото.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *