ВИНИЧАНИ МАСОВНО СЕ ИСЕЛУВААТ. ГРАДОТ ОСТАНА И БЕЗ ПЕДИЈАТАР

Виница се соочува со масовна миграција на населението, кое на ниво на целата општина сега е преполовено.

Повеќе градови во Источна Македонија, како Берово, Делчево, Македонска Каменица, Пехчево, но и поголемите Кочани и Штип, остануваат без лекари, но и без професори, кои заминале или се подготвуваат да живеат во странство. Но, најспецифична е Општина Виница, која од поранешните 20.000 жители буквално се преполови.

Здравствениот дом во Виница е без педијатар, но и без други специјалистички кадри. Неколкумина доктори се со општа пракса. Цела општина ја покриваат десетина доктори и неколкумина кои имаат свои приватни ординации. Директорот на Здравствениот дом, Венко Данчев, вели дека во изминатите 11 години не се успеало да се обезбедат стручни кадри.

„Имаме тројца специјализанти, но никој за педијатрија. Еден специјализант морав да го вратам, оти имаме голема потреба од општи лекари. Го вративме и поради тоа што бил пратен да специјализира на 50 години. Дел од докторите се пред пензионирање. Пропустите на претходното раководство направија сега да немаме  кадри да праќаме на специјализација, ниту, пак, имаме општи лекари за да пополнуваме празни места“, вели Данчев, кој и самиот работи како интернист.

Здравствениот дом во Виница е без педијатар, но и без други специјалистички кадри (Фото: СДК.МК)

Здравствените работници со кои разговаравме во Здравствениот дом во Виница се надеваат дека состојбата ќе се подобри со најновите законски измени што ги предлага Владата за директно преземање лекари од приватниот сектор во јавното здравство, што ќе важи и за медицинските сестри кои останале без работа во приватното здравство.

Останатите соговорници во Виница сакаат да останат анонимни, но ги анализираат состојбите и како што велат, најчеста тема во нивниот меѓусебен разговор е токму иселувањето.

Секоја среда и сабота, полни автобуси тргаат од Виница за Италија. Патем собираат патници и во Кочани, Штип, Свети Николе, Велес и Куманово. – автобуската станица во Виница (Фото: СДК.МК)

„Не само здравствени работници, во странство заминуваат и професори. Три професорки заминаа за Швајцарија. Претходно заминаа нивните сопрузи, иако овде имаа добра работа. Професорките не работат во своите струки. Во Швајцарија работат во фабрики, но заработуваат многу повеќе отколку како професори“, вели виничанец, кој исто така размислува да замине во странство.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *