Брегалница се уште не е на критичното ниво. Се полни Калиманско езеро

Река Брегалница е со покачен водостој, но засега е далеку од прелевање. На мерното место во Ново Село, каде коритото е најтесно, а со тоа и најкритично, вчера вечер е измерен проток од 8 метри кубни вода во секунда или висински столб од 70 см. Како резултат на врнежите во текот на ноќта, нивото на реката утринава изнесува 160 см.

– Има покачување од 90 см, што значи дека сме далеку од она критично ниво, односно над 2 и пол метри, кога може да се смета дека може да дојде до излевање на водите на река Брегалница- изјави Киро Маџунаров, стручен соработник на УХМР

Река Брегалница се излева од коритото само во случај кога е преполна браната Калиманци. Бидејќи, вештачката акумулација на крајот од наводнителната сезона беше скоро празна, ќе бидат потребни многу повеќе врнежи за да се повторат поплавите од пред 2 и 4 години.

– Оваа вода се должи на врнежите во Осоговските планини, Кочанско и Виничко-додаде Маџунаров

Сепак, тридневните интензивни врнежи предизвикаа одрони на критичните сообраќајни делници на Истокот.

– Имавме веќе еден одрон над рибникот, односно на патниот правец Виница –Берово и истиот е исчистен-изјави Киро Коцев, директор на РП „Македонија пат“ –Штип

Поради опасноста од нови одрони, од Македонија пат апелираат за внимателност до возачите, се до стабилизација на временските услови.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *