Бајса Арифовска – музичкото чудо од Македонска Каменица

Бајса Арифовска е уникатна појава во светот на македонската традиционална музика. Свири најмалку на 15 инструменти, компонира, а 11 години беше професор во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, каде што на учениците им предаваше народни инструменти. Сега работи како инструменталист и асистент на оркестарот во националниот ансамбл „Танец“.

Оваа неуморна млада жена, за која музиката е и сон и реалност, многу придонела и за музичката едукација на ромските деца, работејќи со нив во мандолинскиот оркестар на ромскиот културен и едукативен центар „Дархија“.

Веќе дваесетина години патува низ светот и ја шири приказната за македонската традиционална музика, па затоа воопшто не е чудно што некои нејзини почитувачи веќе ја ословуваат со „маестро“. Досега одржала стотици концерти, остварила извонредни соработки со врвни уметници, а воедно е прва Ромка кај нас што компонирала музика за балет. Станува збор за „Скршен сон“, што го напиша во 2009 година. Има уште многу нешта по кои Бајса е прва, бидејќи, како што рече, досега многупати кршела разни табуа. Кога ќе ја видат како вешто свири на гајда или на тапан, нејзините колеги знаат да кажат дека „работи машка работа“.

Нејзиниот немирен дух постојано бара нови предизвици, а таа, како што вели самата, нема никогаш да престане да чепка по инструментите, барајќи го совршениот звук.

– Баба ми Зенка за осмиот роденден ми купи мандолина, ама ја кренаа на креденецот, зашто требало од трето одделение да почнам да свирам, за да не ја расипам. И нормално јас, кога немаше никој дома, се качував, чепкав, истражував. Официјално почнав да свирам во училишниот оркестар кај наставникот Атанас Џаџов во Македонска Каменица. Тој е еден од виновниците што станав она што сум, а и во средно музичко училиште во Штип се запишав по негова препорака. Најпрво свирев на виолина, па на флејта, паралелно со пијано, потоа се заинтересирав за кларинетот. Секој инструмент си има своја тежина и бара време да се совлада. Сепак, не останав со класиката, бидејќи секогаш завршував со некои мотиви од нашето народно творештво. Oбично една мелодија што ја учев, на пример на тамбура, морав да знам како звучи и на кавал. На професорите им беше драго што сум љубопитна, но се прашуваа кај ли ќе ми биде крајот. Ете, таа моја љубопитност не ме напушта и денес – ни рече Бајса.

Кога станала бруцош на Факултетот за музичка уметност во Скопје, често застанувала пред вратата на професорот Драган Даутовски, на третиот кат.10848029_10204105479009631_166022141485693897_n

– Со часови стоев така, ме влечеа тие звуци на народните инструменти. Професорот неколкупати ме забележа и еднаш ми рече: „Денес пак си тука, ајде повели внатре“. Тој ги препозна мојата љубопитност и желба за слушање и така стана мој водич низ лавиринтот на звуците. Се сеќавам, во кабинетот имаше многу студенти, малешевско килимче од неговото Русиново и сѐ мирисаше на традиција. Така почна нашата соработка и можам да кажам дека за мене тоа е скапоцено животно, а особено сценско искуство. Убаво е да имаш до себе некој полн со знаење, кој знае да ти даде енергија, да те насочи и води. Многу научив во практиката и од ветераните на македонската чалгија: Раим Баки и Хустреф Саид, а Зоран Џорлев е човекот што ме донесе во „Танец“, препознавајќи го мојот иден професионален придонес тука – со почит раскажува Арифовска за своите учители.

Сепак, понекогаш ѝ e жал што се разделила од нејзините ученици.

– Едноставно не знаеја да го искористат мојот педагошки и творечки капацитет во ДМБУЦ, а меѓу учениците имаше големи таленти, од кои денес сум многу задоволна како мои соработници во ансамблот „Танец“, но и во некои мои проекти – потенцира таа.

И навистина музиката на оваа врвна авторка и инструменталистка го пропатува целиот свет, не само со концертите туку и со многубројните носачи на звук. Има снимено шест албуми со оркестарот „Дархија“, забележувајќи ги подзаборавените ромски песни и ора, потоа цеде со квартетот на Драган Даутовски, а треба да се спомене и албумот реализиран со Чалгискиот оркестар на МРТ. На носач на звук е ставен и нејзиниот балет „Скршен сон“ и уште многу други дела.

– „Скршен сон“ го компонирав врз основа на една вистинита приказна. Се работи за голготата на едно семејство од Косово, што ми ја донесе балерината Јагода Сланева и ми предложи да направиме нешто заедно. Се надевам дека со овој проект ромската традиционална музика ја искачивме на повисоко ниво – вели Арифовска.

Сепак, она што ѝ е во срцето на Бајса е чалгијата со нејзиниот помалку меланхоличен звук.

– За жал, кај нас нема школа за чалгијата, а и оркестарот во МРТ полека згаснува. Токму затоа моја задача е со помош на оркестарот на „Танец“ повторно да ги заживеам овие вонвременски звуци. Се трудам постојано да учам од она што нашите предци ни го оставиле, да ги запишам сите убави стари песни и творби и да ги зачувам од заборав, но и да создадам нови по тој терк. Не само моја, туку задача на сите нас што се занимаваме со музика е да им оставиме нешто во наследство на идните генерации. Ковчежето со македонска традиционална музика е сѐ уште полно и постојано нѐ изненадува со некој нов бисер, но како што вадиме од него азно, мораме и да го полниме – вели Арифовска.

А за да истрае во своите планови и да ги реализира сите свои амбиции, нејзина најголема потпора е семејството, а и братот Емран веќе оди по нејзините стапки.

Нејзината мекост и отвореност за контакти и нови познанства секојдневно сѐ повеќе ја поврзуваат и со оние за кои и создава, обожавателите на македонската традиционална музика.

– Човек мора да биде со народот, тоа е еден вид традиција и начин на живот. Не можете да бидете вообразени, а да работите благородна работа – рече Бајса Арифовска.

 

bajsa-arifovska-janevska-ilieva-04-530x330

ТЕКСТОТ Е ПРЕЗЕМEН ОД НОВА МАКЕДОНИЈА
Автор: Марија Таушанска / marija.а@novamakedonija.com.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *