Алтернатива со предлог за уставна измена – кривичните дела на функционерите да не застаруваат

Алтернативата ќе предложи уставен амандман со цел да се спречи застарувањето на судските предмети и кривичните дела извршени од избрани и именувани функционери во законодавната, извршната и локалната власт. Партијата на Африм Гаши ќе ја предложи оваа измена во моментот кога ќе се направат уставните измени.

„Сите знаеме дека многу политичари кога ќе добијат функција имаат скромен финансиски статус, а кога ќе им истече функцијата излегуваат како богати луѓе кои не го знаат крајот на своето богатство“, вели Африм Гаши.

Првиот човек на Алтернатива, Гаши образложувајќи го предлогот рече дека тоа го прават со цел борбата против криминалот и корупцијата да се издигне на уставно ниво и додава дека станува збор за амандман со кој Македонија уште повеќе ќе се приближи кон ЕУ.

„Законите можат да имаат ретроактивен ефект дури и во случаите кои се однесуваат на застарување на кривичната одговорност за злоупотреби од страна на именувани или избрани лица при извршување на јавните овластувања, кои предизвикале штета на јавните, буџетските средства на централно и локално ниво, а преку тие злоупотреби стекнале имотна корист на незаконски начин“, додава Африм Гаши.

Со оваа уставна измена се предвидува конфискување на имотот на функционерите, па дури и ако е пријавен на име на трети лица. Покрај уставните измени, Гаши вели дека треба да се интервенира и во Кривичниот законик.

„Предложената измена ќе биде подлога која ќе создаде основа за изменување и дополнување со нов член број 112 во Кривичниот законик каде ќе биде предвидена одредба со која евентуалните кривични дела од страна на избрани или именувани лица кои се категоризираат како кривични дела против службената должност, никогаш да не можат да застарат“, додаде Африм Гаши.

Гаши заклучи дека во текот на наредните недели ќе продолжат консултациите со сите фактори во земјава за овој предлог, а истовремено очекува и поддршка од сите политички партии. Алтернативата е „за“отстранување на терминот 20% за Албанците од Уставот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *