Алармантно! Најмладиот регистриран корисник на дрога во државата има само осум години

ХОПС: Осумгодишно дете најмлад корисник на дрога во Македонија

Скопје, 24 јануари 2017

Министерствата за труд и социјална политика, за здравство, образование и наука и за правда, преку меѓусебна соработка и вклучување на останатите засегнати страни, да заземат координиран пристап кон потребите на децата и младите во ризик во Македонија кој ќе резултира со сеопфатни услуги и отчетност за спроведувањето на зацртаните политики.

Ова го истакнаа од Здружението ХОПС – Опции за здрав живот Скопје кои денеска ги презентираа наодите од истражувањето „Децата и младите во ризик во Република Македонија – рамноправни членови на социјалната држава или категорија за креирање фиктивни политики?“.

Министерството за здравство, посочуваат од Здружението, во најкраток можен рок треба да го финализира и усвои протоколот за лекување на деца кои употребуваат дроги, да се формира мултисекторска работна група која ќе изработи програма за лекување, ресоцијализација и грижа за децата кои употребуваат дроги и да се отворат интегрирани програми за лекување, ресоцијализација и грижа на децата кои употребуваат дроги.

Според Здружението, не постои унифициран меѓуресорски пристап за препознавање, документирање и следење на децата и младите во ризик. Од Здружението посочуваат дека иако дел од надлежните институции имаат воспоставено електронски бази на податоци, видливо е неконзистентно бележење на услугите, што пак ја оневозможува проценката на потребите на ранливите категории на деца и млади.

За поздравување е, истакнуваат од Здружението, тоа што голем број од институциите имаат пишани документи, стратегии и програми, каде што се дефинирани или опфатени децата и младите во ризик, но отсуството на податоци за реализација на сите акции предвидени во тие документи го попречува следењето и оценувањето за спроведувањето на зацртаните политики.

Според нив, добра пракса за бележење на податоците за децата и младите во ризик се забележува единствено во документацијата и работата на Државниот совет за превенција од детско престапништво и на Народниот правобранител.

– Иако Министерството за здравство изработи протокол за лекување на малолетни корисници на дроги, тој веќе две години е во подготвителна верзија и сè уште не е усвоен. Во меѓувреме, ХОПС мораше да формира теренски тим за поддршка и работа со овие деца. Тимот до сега има исконтактирано 85 малолетници кои употребуваат дроги, од кои најмладото кое користи дрога со инјектирање има само 8 години. Само во 2016 година, теренскиот тим има исконтактирано 33 деца, од кои 7 се нови корисници, наведуваат од Здружението.

Оттаму посочуваат дека и покрај заложбите од ХОПС, во 2016 година ниту еден малолетник не почнал со лекување на зависноста.

Истражувањето е меѓу првите активности на регионалната Мрежа за социјално зајакнување на млади во ризик која е составена од организации од Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Косово, Албанија и Македонија со поддршка на ЕУ.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *