Адолесцентите најзагрозена категорија како учесници во сообраќајот

Сообраќајките – најчеста причина за смрт кај адолесцентите
Децата и тинејџерите на возраст од 10 до 19 години се најзагрозената категорија учесници во сообраќајот, кои ги губат животите како пешаци, мотоциклисти и велосипедисти, соопшти СЗО
Во светот на годишно ниво згаснуваат повеќе од 1,2 милион млади животи или во просек секој ден умираат по 3.000 деца и тинејџери што се на возраст од 10 до 19 години. Убедливо, повеќето од овие адолесценти, над 110 илјади, загинале како последица на повредите што ги добиле во сообраќајна несреќа. Со околу 70 илјади смртни случаи на годишно ниво следни на листата се инфекциите на дишните патишта. Веднаш зад нив е самоповредување, па дијареалните болести и давењето. Станува збор за најновите информации од аналитичката листа што ја објави Светската здравствена организација (СЗО), напоменувајќи дека речиси сите овие смртни случаи можеле да се спречат.

Со овие податоци, сообраќајните несреќи се „зацементираа“ како најголемото зло, кое коси најмногу животи во уште една категорија. Претходно, веќе неколку години по ред повредите во сообраќајките се истакнуваат и како водечка причина за смртноста кај светската популација на возраст од 15 до 19 години.
– Повеќето адолесценти што загинале во сообраќајни несреќи учествувале како дел од ранливите категории учесници во сообраќајот, како пешаци, велосипедисти и мотоциклисти – пишуваат од СЗО.
Како ранливи категории тие се идентификувани и во Македонија, па често досега беа и целните групи на надлежните институции во земјава задолжени за безбедноста на патиштата. За тоа сведочат и статистиките, кои покажуваат дека во 2016 година во сообраќајки загинале 165 лица.

Од нив 35 биле пешаци, а висок е бројот и на повредени пешаци, точно 871.
– Прво и најважно, пешаците страдаат во сообраќајни незгоди поради тоа што кај нив отсуствува чувството на свесност дека и тие се учесници во сообраќајот и оти и за нив важат сообраќајните правила и прописи како и за сите други учесници во сообраќајот. Понатаму лошите навики и ниската сообраќајна култура се важен фактор од кој зависи безбедноста на пешаците во сообраќајот. Но важно е и тоа дека пешаците најмалку ги познаваат сообраќајните правила и прописи, најмалку се контролирани и најмалку се санкционирани како учесници во сообраќајот – констатираат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП).

Тука се и мотоциклистите. Лани бројот на загинати лица што се превезувале со мотоцикли изнесува 15. Од нив 13 го возеле мотоциклот, а двајца биле патници. Оваа бројка, според надлежните, е несразмерно висока ако се земе предвид во колкав дел од сообраќајот учествуваат, односно колкав дел им припаѓа на мотоциклистите.
– Секој што се превезува на мотор треба да знае дека користењето заштитен шлем го намалува ризикот од добивање смртоносни повреди на главата и во исто време штити од ветар, прашина, дожд односно овозможува мотоциклистот безбедно да управува со возилото – велат од РСБСП.

Шлемот е задолжителна опрема во согласност со законот, а за непочитувањето предвидена е казна од педесет евра. Незадолжителна, но исклучително препорачлива е и опремата како заштитна јакна, елече, чизми, очила, ракавици итн.

Инаку, пешаците и мотоциклистите заедно со велосипедистите во светски рамки сочинуваат речиси половина од вкупниот број загинати во сообраќајки.

А.А.С.

НАЈЗАГРОЗЕНИ СЕ МОМЧИЊАТА
Според податоците наведени во последното соопштение на Светската здравствена организација (СЗО), повредите од сообраќајки се генерално водечка причина за смртноста кај лицата од 10 до 19-годишна возраст. Од вкупно 1,2 милион адолесценти што имале насилна смрт, над 110 илјади се поради вакви несреќи. Меѓутоа, од СЗО даваат и одделни листи на топ 5 причини кај машките и кај женските адолесценти. Во 2015 година, на пример, повредите од сообраќајки се на прво место кај момчињата (околу 89 илјади смртни случаи), а кај девојчињата се на петто место (околу 27 илјади смртни случаи).
Извор Нова Македонија

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *