Ќе се изготви нов концепт за пензионирање на работниците со бенeфициран стаж

Над 41.000 работници кои имаат прекин во бенефицираниот стаж ќе можат да остварат право на пензија од идната година, ако ги исполнат новите критериуми за пензионирање што ги подготвува Министерството за труд и социјална политика.

Како што појасни денеска министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, новиот концепт предвивува дефинирање на возраст за пензионирање и процент на поминати години на работно место со бенeфициран стаж.

Тоа значи дека, ако се дефинира овие работници да одат во пензија на возраст од 55 години ќе треба да имаат остварено и одреден процент (80 отсто) од работниот стаж поминат на работни места со бенeфициран стаж.

На овој начин ќе се надмине сегашната состојба според која рудар на 65 години не може да оди во пензија, ако нема поминати 30 години на исто бенефицирано работно место.

Во меѓувреме, Министерството за труд и социјална политика ќе ја формира и Комисијата за утврдување на професиите кои се изложени на одреден степен на ризик која не била формирана шест години, иако е законски утврдена и требало да се произнесе за актуелните иницијативи од работници, работодавачи и синдикати за утврдување на бенeфицирани работни места.

Според сегашните законски критериуми 28.452 работници имаат бенeфициран стаж на исто работно место и уште 41.161 работник имаат прекин во бенифицираниот стаж, бидејќи биле преместувани и на други работни места каде што не се уплаќа бенeфициран стаж. Вторите, според сегашниот закон, нема да можат да одат во пензија.

Во земјава, покрај рударите, дел од градежните работници бенeфициран стаж имаат вработени во полицијата и одбраната (нуркачи, пилоти), вработени во службите за итна медицинска помош и други јавни установи.

Извор: Фокус

Leave a Reply

Your email address will not be published.