Ќе се гради нова термоцентрала помеѓу Пехчево и Делчево

Ако се покаже дека има доволно резерви јаглен во Пехчевскиот Регион, ЕЛЕМ најавува изградба на термоцентрала со моќност од 150 мегавати, што е околу една четвртина од капацитетот на РЕК „Битола“. Се најавуваaт и три централи на гас, но експертите предупредуваат за зависноста на Македонија од гасот од Русија.

Нова термоцентрала меѓу Пехчево и Делчево и три нови централи што ќе работат на гас, во Скопскиот, Штипскиот и во Тетовскиот Регион, се спомнуваат во документи што ги прават консултантски куќи за државната компанија Електрани на Македонија (ЕЛЕМ).

Од ЕЛЕМ велат дека дефинитивна одлуката за градба сè уште не е донесена, затоа што не се завршени сите испитувања за оправданоста на изградбата на овие централи. За разни документи досега се потрошени стотици илјади евра.
Деновиве заврши изборот на консултантска куќа, која ќе прави подготвителна студија за оправданост за оптимална локација и за инсталирана моќност за изградба на термоцентрала во Пехчевскиот Регион. Избрана е загрепската компанија „Енерџи платформ ливинг“, а изработката ќе чини 55 илјади евра.
– Овој документ не значи дека е донесена одлука за изградба на термоцентралата. Документот треба да ги даде насоките дали воопшто има простор да се изгради капацитет. Ние размислуваме за изградба на тремоцентрала, таа има и име, наречена е ТЕЦ „Исток“. Во изминативе три години правени се геолошки испитувања за јаглен на потегот меѓу Пехчево и Делчево. Во овој предел се лоцирани две наоѓалишта на јаглен, кој е со добар квалитет, но треба уште испитувања за да се види дали наоѓалиштата се соодветни за изградбата на термоелектрана – објаснува Мирче Котевски, портпарол на ЕЛЕМ.

Прво треба да се испитаат резервите на јаглен

Универзитетскиот професор Атанаско Тунески вели дека пред да се разговара за изградба на термоцентрала, треба да се утврдат резервите со јаглен.

– Ако нема резерви за да работи термоцентралата во наредните 30 – 40 години, воопшто не треба ни да разговараме за нејзина изградба. Но, јас сум скептичен дека таму има големи резерви. Во СФРЈ се правеа многу сериозни истражувања и верувам дека, ако имаше некое големо наоѓалиште, тоа ќе беше откриено и споменато во документи. Од друга страна, самата локација не е подобна за изградба на термоцентрала. Местото е тешко достапно, нема железничка поврзаност, тоа е подрачје блиску до граница – вели Тунески.
Тунески не е противник на тоа некаде во Македонија да се изгради термоелектрана ако за тоа има јаглен и добра инфраструктура.

– Знаеме дека Германија се залага за исфрлање на фосилните горива. Но, сметам дека ние мора да се приспособување на нашите можности. Од друга страна, денес има такви технологии за заштита на животната средина, што ако се применат при изградба на термоелектраната, во околината може да има почист воздух од оној што го има денес во Скопје.
Од ЕЛЕМ уверуваат дека, ако се изгради нова термоелектрана, таа ќе биде со најмодерна технологија за заштита на животната средина. ТЕЦ „Исток“ би била со инсталирана можност од 150 мегавати, а тоа е околу една четвртина од капацитетот на трите блока на РЕК „Битола“.

Македонија може да се соочи со проблем во снабдувањето со гас

Од ЕЛЕМ потенцираат дека во игра се и три когенеративни електрани на природен гас. И за нив се прави подготвителна студија, исто така од загрепската фирма „Енерџи платформ ливинг“, а за тоа ќе се платат околу 100 илјади евра.

– Овие централи треба да ги искористат новите гасоводи што се прават. Добро е што овие централи може да бидат и платформа за изградба на систем за централно греење во некои градови – велат од ЕЛЕМ.

Изградба на централи на гас е добро решение според професорот Константин Димитров. Но тој во дебата на телевизијата Нова зборуваше за опасностите со кои Македонија може да се соочи при набавката на гасот.
– Ако Русија утре ја прекине испораката на гасот преку гасоводот од каде што ние се снабдуваме, затоа што ќе го изгради Јужен тек од каде што ќе ја снабдува Турција со гас, ние остануваме без гас. Може само да се надеваме на некои количини што би ги купувале од Грција – рече Димитров.

Димитров особено се залага за изградба на хидроцентрали и потенцира дека светот е свртен кон обновливите извори на енергија, без употреба на фосилни горива.

– Македонија нема голем хидропотенцијал, но значајна би била изградбата на хидроцентралите „Чебрен“ и „Галишта“. Дури и да не најдеме партнер за изградба, треба да почнеме да ги градиме. Тоа би значело во пет-шест години Македонија да издвојува по 200 милиони евра – вели Димитров. Тој очекува во иднина меѓународните кредитори да нè кредитираат проекти поврзани со вода поради непроценливото значење на овој природен ресурс.
Во врска со хидропотенцијалот, ЕЛЕМ прави студија за хидроцентрали во должина на Вардарската долина, а се прави студија и за нова термоцентрала до ТЕЦ Неготино.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *