Репрезентацијата на Исланд ја елиминираше Романија од плеј-офот со триумф дома од 2-1 и ќе игра за пласман на Европското првенство во финалето од Лигата Б во рамките на Лигата на нациите.
Ова е огромна услуга за селекцијата на Македонија, која доколку победи во финалето од својата лига против Грузија, ќе игра во група со Холандија, Украина и Австрија. Доколку Романија се пробиеше до континенталниот собир, како еден од домаќините ќе го заземеше местото на Македонија во групата.
Со тоа, момците на Игор Ангеловски ќе беа префрлени во „групата на смртта“ каде се наоѓаат Португалија, Германија и Франција, а сега таму ќе се пласира подобриот од дуелот помеѓу Исланд и Унгарија во ноември.
Македонија има историска можност за пласман на Европското првенство, а ако успее да ја мине Грузија во Тбилиси, ќе игра во групата која ќе се одржува во Амстердам и Букурешт, заедно со Холандија, Австрија и Украина.